ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
02.03.2023
Здравство и образование: партиски трофеи во политичката трговија
Автор: Goce Author

Здравството во Македонија служи за „лекување“ на разнишаните меѓупартиски односи во власта, а образованието – за премиерите и министрите да учат лекции како да го чуваат коалицискиот мир.

Само неколку часа по смртта на несреќното момче Благојче кое беше болно од цистична фиброза, премиерот Димитар Ковачевски нервозно му порача на министерот за здравство Беким Сали: „Размисли дали можеш да го продолжиш мандатот после ова!“ Или, во превод, му рече на министерот дека по овој тажен исход – изгубената битка на Благојче, Сали веќе нема морално право и понатаму да ја извршува функцијата министер.

Извор: sdk.mk

Но чекајте, да не му припишуваме на премиерот одважност и искреност за оваа изјава. Бидејќи, за жал, изјавата уследи откако во јавноста веќе и врапчињата знаеја дека во најновите меѓупартиски и коалициски комбинаторики, повторно паѓа – министерот за здравство. Како и кога Алијанса за Албанците излезе од Владата, набрзо откако влезе во 2017, но и како и многу пати досега.

Формулата за владина реконструкција наречена „сменете го министерот за здравство“, не е и ни нова, ниту измислена од сегашниот шеф на Владата. Таа се провлекува речиси три децении, и беше присутна во сите досегашни влади. Така, станавме рекордери според бројот на министри за здравство. Вкупно 16 министри за триесет и две години, или еден министер, во просек, траел две години, што е точно половина мандат.

Се разбира, оваа груба математика има и свои отстапувања, па имаме и двајца министри кои траеле по пет (Венко Филипче) односно шест години (Никола Тодоров), но и министри кои едвај имале време да го согледаат распоредот на мебелот во нивните канцеларии пред да ги сменат, на пример, Арбен Таравари кој беше министер само пет месеци и Драган Даниловски кој беше седум месеци на оваа функција. Близу до тој неславен рекорд е и министерот Беким Сали кој поради партиски комбинаторики замина од функцијата по само една година од неговото назначување.

Само во последните две години, Македонија имаше три министри за здравство – Венко Филипче кој замина во јануари 2022 и кого го замени Беким Сали чија кариера заврши деновиве и чиј наследник е Фатмир Меџити.

На маргините на политичкото планирање

Слична е состојбата и во образованието: 25 министри продефилираа, низ две организациски реформи во овој сектор. Или попрецизно, шест министри за образование од 1991 до 2000 и шест за наука, и 13 министри од 2000 до 2023 за образование и наука. Најкратко траеле Гале Галев, нецела година и Рената Дескоска – една година. Најдолго на функцијата бил Азис Положани – четири години. Забележливо е дека ниту еден министер, освен Положани, не истерал повеќе од две години мандат како министер за образование.

Што да се каже за овие податоци? Смееме ли да ги обвиниме критичарите кои реагираат дека образованието и здравството служат за спасување на владините коалиции, дека се партиски трофеи во политичката трговија, а не области каде најмногу треба да се вложува? И, каква порака пратија осумте премиери во изминатите над три децении за нивните приоритети при водењето на државата?

Автор: СОЊА КРАМАРСКА

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?