
Глобалниот тек на реформи во насока на еднаков третман на жените во законите падна на најниско ниво во последните дваесет години, што претставува потенцијална пречка за економскиот раст во критичен момент за светската економија, според новиот извештај на Светска банка.

Во извештајот се наведува дека во 2022 година, глобалното просечно рангирање на индексот за жени, бизнис и право се зголемило за само половина поен на 77,1, што укажува дека жените во просек остваруваат само 77 отсто од законските права на мажите.
„Во време на забавување на економскиот раст, сите земји треба да го мобилизираат својот целосен продуктивен капацитет за да се справат со претстојната криза“, рече Индермит Гил, главен економист на Групацијата Светска банка и виш потпретседател за развојна економија.
Тој нагласи дека владите не можат да си дозволат да остават настрана половина од своето население. „Негирањето еднакви права на жените во голем дел од светот едноставно не е фер кон нив. Ова ја намалува способноста на земјите да промовираат зелен, одржлив и инклузивен раст“, рече тој.
Индексот за жени, бизнис и право за 2023 година ги оценува законите и регулативите на 190 земји во осум области поврзани со учеството на жените во економската активност – мобилност, работно место, плата, брак, родителство, претприемништво, имот и пензија. Податоците, опфатени до 1 октомври 2022 година, даваат објективна и мерлива споредба на земјите во остварувањето на еднаквоста на жените. Денес, само четиринаесет земји, сите со високи приходи, имаат закони кои им даваат на жените исти права како и на мажите.
Низ светот, речиси 2,4 милијарди жени на работоспособна возраст сè уште ги немаат истите права како мажите. Надминувањето на родовите јазови во вработеноста би можело долгорочно да го зголеми БДП по глава на жител на земјите во просек за близу 20 проценти.
Во текот на 2022 година во 18 земји беа спроведени само 34 правни реформи поврзани со родовите прашања, што е најмал број од 2001 година. Најголем дел од реформите се однесуваа на зголемувањето на платеното отсуство за родителите и татковците, укинувањето на ограничувањата за работата на жените и воведувањето задолжителна исплата на еднаква плата на жените. За да се постигне позначајна правна еднаквост за жените во сите области опфатени со извештајот, ќе бидат потребни уште 1.549 реформи. Во извештајот се забележува дека, според сегашниот тек на реформите, во просек би биле потребни најмалку 50 години за да се постигне оваа цел.