
Жените во науката дури и во 21 век, со напредокот на науката и феминистичките движења, сѐ уште се соочуваат со предизвици и дискриминација. Особено изразена разликата е кога станува збор за високите академски и лидерски позиции. Тоа претставува пречка и за напредот во кариерата и професионалниот развој. Стереотипите дека жените не се сметаат за „интелигентни“ или „технички способни“ постојат дури и во најпрестижните области. Но, сепак проф. д-р Биљана Балабанова од Универзитет „Гоце Делчев“ Штип, истакната и наградувана од областа на науката, е надежна за подобрување на позицијата на жените во науката.
Проф. д-р Биљана Балабанова
„Од лично искуство, со гордост можам да истакнам дека позицијата на жената во науката во современите општества, асцедентно се возвишува. Погледнувајќи ретроспективно, може да се забележи интензивен прогрес, но истовремено и области каде напредокот е сѐ уште значајно ограничен. Генералните политики на академските и научни институции се доминантен двигател во поставувањето на неограничени и достоинствени услови за развој на жените во науката.“, вели Проф. д-р Балабанова.
Во последните години многу институции и организации ја унапредуваат родовата еднаквост преку политики за поддршка на жените.
Поттик и стимулација се дава по пат на стипендии, програми за менторство, грантови насочени кон жените научници и лидерки. Според проф. д-р Балабанова, вистинските и реални напори за промена на овие стереотипи започнуваат да даваат резултати преку едукација и активизам. Тоа може да води кон пообјективно оценување на способностите и трудот на жените.
Промените коишто се случуваат во изминатите децении се прогресивно позитивни, но оваа борба за целосна еднаквост и признавање на жените во науката сѐ уште трае.
Проф. д-р Балабанова ги охрабрува и студентите и младите да започнат со научно-истражувачка дејност. Таа смета дека новите генерации ќе ја испишат историјата на развој. Бројните програми за млади истражувачи кои ги посочува се отскочна даска за научниот развој.
Еразмус програмата (Erasmus+) за мобилност на студенти; Хоризонт Европа (HORIZON EUROPE) , ЦЕПУС (CEEPUS) , ДААД (DAAD) и многу други.
Многу универзитети и научни институции организираат летни или зимски школи кои се фокусирани на научно истражување. Постојат бројни онлајн платформи кои нудат ресурси и можности за младите истражувачи. На пример, базичните платформи како ResearchGate и Academia.edu им овозможуваат на студентите да се поврзат со истражувачи, да објавуваат свои трудови и да ги споделуваат резултатите од истражувањата.
„Истрајноста и посветеноста се клучниот момент во процесите на создавање, развој и напредок. Не постои доволна демотивирачка сила којашто може да ја супресира и потисне големината на вашата визијата. Бидете визионери на вашата иднина, а визијата е главниот движечки акцелератор на идеи.“ им порача на студентите проф. д-р Балабанова.
Д-р. Јовева: “На прагот сме на нова ера во третманот на Паркинсонова болест”
За оние кои се плашат од дисбалансот меѓу кариерата и персоналниот живот, и сметаат дека треба да се жртвува едното за да бидеш успешен, рамнотежата и менаџирањето се тајната за постигнување успех и во двете сфери.
„Генерално, сè во Универзумот е сведено на креирање рамнотежа и создавање на баланс. Балансирањето на професионалниот и приватниот живот во научната кариера може да биде предизвик, но истовремено и силен мотив. Сметам дека клучен момент е умешноста во управување со времето. Секој процес е функција од време, а согласно истото и нашите обврски подлежат на овој „природен закон“. Сè во природата е правилно организирано и систематизирано, а со тоа и човечкиот ум е апсолутно адаптиран на систематски процеси. Поставувањето на приоритетни активности и систематско извршување на обврските, сметам дека е вистинскиот одговор за постигнување на состојбата УСПЕШНОСТ.“, вели проф. д-р Балабанова.