ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
14.12.2021
Животот на социјалните мрежи – и животот: Изгубени во преводот

Социјалните мрежи станаа неизбежен дел од нашите животи, реалност која колку и да ни ја олеснува комуникацијата, ни помага да останеме во контакт со пријателите, семејството, да споделуваме информации, неретко помага и во водењето на бизнис, толку понекогаш изгледа и опасна, со можности за предизвикување несакани последици. Затоа се повеќе се поставува и прашањето колку, покрај позитивните ефекти, социјалните мрежи влијаат на луѓето, посебно на младите кои најчесто се корисници, во одредена мерка и зависници од социјалните мрежи.

Прашање секако е и колку младите се свесни за влијанието на содржините од социјалните мрежи врз нивното ментално здравје, со оглед на тоа дека понекогаш се добива впечаток дека живееме во паралелни светови – едниот оној реалниот, а другиот на фејсбук, инстаграм, твитер, тик ток…

Најголемиот дел од истражувањата за тоа кои се најпопулрни социјални мрежи кај младите и понатаму покажуваат дека инстаграмот го презема приматот на фејсбук,  него го користат близу 90 % од младите, а нешто помалку, помеѓу 80 и 90 % се на фејсбук. Трет по популарност е тик ток, со процент меѓу 30 и 40 %, а овде некаде е и твитер.


Прочитајте и: Преку блог до успех


Најголем дел просечно се задржуваат на социјалните мрежи околу 3 часа дневно, но не е мал бројот на оние кои во бројните анкети изјавувале и дека „дремеле“ на фејсбук,инстаграм, тик ток, над 5 часа дневно. Ако се земе предвид дека ретко кој си признава дека реално многу голем дел од времето троши на овие „активности“, тогаш може да се каже дека навистина младите преголем дел од времето се всушност под влијание на содржините на социјалните мрежи, со што тоа има големо влијание и на формирањето на нивните ставови, мислења…

Photo by bruce mars on Unsplash

Психолозите сметаат дка присуството на социјалните мрежи влијае на повеќе начини кај младите. Едно од тие вчијанија е на начинот на кој го организираат слободното време, односно  заменуваат некои други активности како дружење во живо, занимавање со разни хоби, престој во природа… Исто така, зависноста од социјалните мрежи го одвлекува вниманието и отежнува да се концентрираат на секојдневните активности, што често резултира со одложени обврски и намалена продуктивност, проследено и со незадоволство од изгубеното време.

Вториот аспект кој е и најважен кога станува збор за влијанието на социјалните мрежи врз менталното здравје на младите се однесува на содржината која е присутна кај нив. Иако се чини дека сите знаат дека луѓето на социјалните мрежи се трудат да се претстават во најдобро светло и дека поради таа причина на мрежите ставаат „накитени“ верзии од сопствениот живот, тоа често не ја намалува тенденцијата да се чувствува дека сите други се подобри од нас. Иако знаеме дека содржината на социјалните мрежи покажува донекаде лажна, или барем нецелосна слика за другите луѓе, тоа не не спречува да се споредуваме со таа содржина. „Анксиозноста што се јавува како последица на изложеноста на содржини на социјалните мрежи може да се поврзе со чувството дека не сме толку добри, среќни, успешни, задоволни со себе и дека не водиме толку возбудлив и убав живот како некои други луѓе. “

Голем дел од младите се регистрираат, креираат профили на на социјалните мрежи многу млади, често  на возраст од дванаесет до четиринаесет години. Бидејќи тоа се години на оформување на личноста,  последиците можат да бидат и поголеми. Кога се зборува за позитивниот ефект, тука секако е олеснувањето на комуникацијата, полесната достапност до информации, можноста да се истакне креативност, да се споделат идеи со другите, да се развие критично мислење.

Со оглед на тоа што социјалните мрежи се исто така еден вид социјализација – ако секој користи одредена социјална мрежа, одредени луѓе се плашат дека нешто ќе пропуштат ако не ја користат  одреден период.

Едно од специфичните влијанија на социјалните мрежи врз луѓето е создавањето чувство на страв од пропуштање на нешто важно. Овој страв нè поттикнува често да ги проверуваме социјалните мрежи и редовно да следиме што објавуваат другите луѓе за да бидеме во тек. Колку повеќе ја гледаме содржината објавена од другите, толку повеќе се споредуваме, што го зголемува чувството дека ни недостасува нешто што тие го доживуваат. Поради потребата да останеме на социјалните мрежи, може да ни биде тешко да се концентрираме на други активности и да го насочиме целото внимание на нив. Потребата да ставиме делови од нашите животи на нашите профили не одвојува и од вистинските настани и уживањето во она што се случува во даден момент“ велат психолозите.

Балансот помеѓу животот на социјалните мрежи и реалноста станува се потежок, бидејќи моќта на инстаграм, фејсбук, твитер, тик ток е голема, зависноста лесно се создава (како и секоја друга зависност), и можноста младите да се „одвојат“ од реалниот живот и да сметаат дека она што го гледаат на социјалните мрежи е всушност тоа кон што треба да се стремат е голема. Тоа создава незадоволство од сопствениот живот, огорченост, депресија… Колку повеќе се трудиме да сфатиме дека голема е разликата во реалниот живот од она што се нуди како дел од содржините на социјалните мрежи, толку повеќе ќе имаме можност да ги намалиме негативните ефекти од нив.

Вештачката интелигенција и лекувањето на вируси
Пилула за слабеење наместо напорно вежбање?