
Зимска школа „Библиоарт“ 2023 ги анимираше млади учесници од Штип за време на зимскиот распуст. Школата ја организираше НУ – Библиотека „Гоце Делчев“ од 11 до 13 јануари.
Содржините беа од едукативен, креативен, но и забавен карактер, со предавања за сајбер насилство, за писменост и читање, како и работилници за оригами, народни ора, тренинзи од карате…
Првиот ден работилница со учесниците во школата имаше Проф. Д-р Кирил Барбареев поттикнувајќи ги на креативност, размислување за вредностите во животот како и читањето и знаењето како предуслов за остварување на животната цел, а сето тоа преку цртање, игра и книга.
Во школата беше вклучено и Американското катче, во кое беше одржана MakerSpace работилница.
Главната тема на вториот ден беше врсничкото насилство. Преку интерактивна презентација за врсничко насилство, како да се препознае и како да се заштитат учениците од истото се вклучи НВО ЕХО.
Втората сесија беше посветена на читањето и писменоста. Членовите од АКАДЕМИЈА ЕУРОАРТ на интерактивен начин зборуваа за македонскиот јазик, писменоста и најчести граматички грешки, како и придобивките од читањето книги при што прочитаа неколку творби од штипски млади автори. Исто така се реализираше драматизација на познатата сказна „Снежана и седумте џуџиња“
Третата сесија беше посветена на македонскиот фолклор, носии, песни и ора во кои учесниците активно учествуваа. Пробуваа женска носија и пееја македонски најпознати песни. Дел од ова сесија беше да се научи едно македонско оро, кое успешно го одиграа и уште неколку песни и ора кои заедно ги отпееја и одиграа.
Последниот ден од Зимскаta школа БИБЛИОАРТ 2023 беше во знакот на забава, креативност и спорт. Првата сесија беше изработка на фигури со Оригами техника, за која учесниците покажаа голем интерес. Самите ученици изработија неколку фигури кои ги обоија и креираа по своја замисла и вештина.
Во спортскиот дел беше организиран час по карате со членовите на Карате клубот „Македонка“ од Штип. Тие демонстрираа тренинг, со основни техники на самоодбрана и елементи од кати кои самите учесници имаа можност да ги изведат.