ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
17.11.2021
Знаете ли која е улогата на Факултетското студентско собрание?

17 ноември како Меѓународен ден на студентите, оваа година го посветивме за да добиеме повеќе информации за важноста и значењето на студентскиот глас и неговото претставување преку Факултетските студентски собранија. За таа цел разговаравме со Александар Величков, претставник на ФСС при ФМН на Универзитетот “Гоце Делчев” од Штип.

Александар Величков

Факултетското студентско собрание (ФСС) го застапува мислењето на студентите, нивните барања и размислувања во текот на студирањето. ФСС е глас на студентите и тело на факултетот, кое нема својство на правно лице, но има за цел да влијае врз работата на органите на Факултетот и да ги задоволи правата на студентите. Со самото тоа што имаме избори секоја година и студентите се оние кои одлучуваат кои членови ќе го застапуваат нивното мислење, активно се вклучени во презентирањето на барањата пред Деканатот. ФСС има седници на кои се соопштуваат проблемите и истите ги презентира директно пред Деканат. На тој начин, преку нормална дебата и дијалог се доаѓа до решение, кое ги задоволува и двете страни.”, вели Величков.

Освен претставување на студентскиот глас, ФСС се вклучени во изработка и организација на проекти и настани, кои се од едукативно и практично значење за студентите.

Имаме изработено свој статут и деловник за работа, свое сопствено лого, со што добиваме сериозен пристап како студентско организирано тело. Во однос на тоа би посочил, дека ФСС при ФМН на УГД од Штип, активно беше вклучено во процесот на имунизација на населението во повеќе градови низ Македонија, обезбедувајќи оброци, пијалаци и поло маици за сите волонтери. Успеавме да организираме и гала вечер во чест на волонтерите, кои дадоа значаен придонес во вакцинацијата.”, вели Величков.

Членовите на Факултетското студентско собрание на ФМН

Најголем дел од барањата на студентите се поврзани со испитната сесија и датумите. ФСС вели секогаш се стремат да најдат компромис меѓу одговорните органи на Факултетот и студентите со цел да се исполнат барањата.

Она што најмногу е потребно се навремени, точни и прецизни информации, минимален број на грешки во системот и слично. Иако барањата се различни, бидејќи секој има свој проблеми и ставови на размислување, сепак мислам дека компромис има и секогаш може да се најде, доколку има работна и позитивна атмосфера. Таквата позитивна атмосфера е присутна помеѓу студентите и одговорните органи, но честопати знае да биде нарушена, поради несакани или ненадејни грешки, но ние како ФСС успеваме и настојуваме да ги решиме, со цел да се слушне студентскиот глас и да имаме еднаквост помеѓу секој од нас.”, велат од ФСС

Логото на ФСС

Работата за време на пандемија и online настава е предизвикувачка за сите нас, а особено на оние кои треба да нѐ претставуваат. Но, и покрај тешкотиите, студентите се стремат да го најдат најдоброто решение.

Ваквиот начин на работа го отежнува извршувањето на сите активности, не само на ФСС, туку воопшто на целиот систем. Но, сепак напредната технологија ни овозможува сите тие недостатоци да се минимизираат. Предизвици нормално дека постојат, а како пример би издвоил, дека успеавме да склучиме договори за обавување на пракса во државните болници: Штип, Скопје(8-ми Септември), Куманово, Битола, Прилеп, Велес, Струмица, но и договори со приватните болници ,,Аџибадем Систина” и ,,Жан Митрев” Клиник. На тој начин, студентите посетуваат практични  вежби во помали групи, со прецизирани термини. Барањата сега за сега се во насока да имаме што поголема имунизација на населението, со цел отпочнување настава со физичко присуство, бидејќи како таква е од големо значење за студентите на Медицина. Нормално се трудиме да ги решиме сите проблеми кои настануваат секојдневно, во текот на одвивање на наставата, во текот на една сесија или во рамките на колоквиумска недела.”, вели Величков.

Една од активностите кои ги организира ФСС е научната средба во петок (19.11.2021)  на тема ,,За смислата на човековото посотење” од страна на проф. д-р Методи Чепреганов и порф. д-р Илија Џонов.

Секоја шеста жена е со ризик за карцином на дојка, инциденцата кај помладите е зголемена
Менталното здравје и студентскиот живот – соочување со предизвиците