
Години наназад , Катедрите за македонски јазик и книжевност на македонските универзитети бележат мал број на студенти. Некои од факултетите преземаат мерки како укината партиципација во прва година, но ситуацијата не се подобрува.
Студентите на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет на УГД сметаат дека младите не се доволно информирани за можностите за работа после завршувањето на оваа насока.
Зорица Стојева и Зорица Иванова се студентки на втора година на Катедрата за македонски јазик и книжевност. Двете велат дека се запишале поради љубовта кон пишаниот збор и мајчиниот јазик.
Зорица Стојева
Студентката Стојева до сите генерации упатува да се чита македонската литература. Само така ќе се влее љубов кон мајчинот јазик и кај помладите генерации.
„Зборувајте македонски јазик, учете ги вашите деца да зборуваат македонски јазик, иако живеете во странство.“, посочува Стојева.
Можности за работа, според студентките после завршувањето има многу. Професор, лектор, новинар, менаџер за односи со јавноста, библиотекар се некои од опциите кои се нудат по завршувањето. Вложувањето и во поголема меѓународна промоција е клучно за привлекување на младите кон избирање на овие професии. Организација на различни вебинари, предавања со студенти и професори од други држави, учество на конференции и настани од областа на литературата се некои од можностите во кои треба да се инвестира.
Зорица Иванова
„Многу млади не го избираат македонскиот јазик како насока за студирање и прават голема грешка. Јас мислам дека не се добро информирани што можат да работат по завршувањето на студиите. Во иднина треба да се посвети поголемо внимание на промовирање на Филолошкиот факултет и идните студенти да можат подобро да се запознаат со придобивките од студирањето на својот мајчин јазик. Само така може да се привлечат повеќе студенти, а со тоа и да го постигнеме развојот на македонскиот јазик.“, вели Зорица Иванова.
Матурантката Искра Постолова, моментално се наоѓа во дилема за тоа дали да ја избере професијата која ја сака и да го изучува македонскиот јазик или пак да одбере поплатена кариера.
Искра Постолова
„Вљубеноста во книжевноста, творењето и љубовта кон мајчиниот јазик, се едни од главните мотиви за избор на Катедрата за македонски јазик и книжевност. Сепак, овде наидуваме на неколку препреки за кои сите сме свесни дека се сѐ повеќе присутни во нашето општество кои влијаат на секој кадар, па така и на наставничкиот. На прво место, тешкото стекнување на работно место во било која образовна инстуција без партиска книшка. Потоа следува и платеноста на истата работна позиција, како и неможноста за просперитет и напредување.“, вели Искра.
Клучно е да се инвестира во поголема промоција на македонскиот јазик и да се овозможи позитивна средина да матурантите се одлучат да се запишат на Катедрата за македонски јазик и книжевност.