ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
29.11.2023
Зошто Штип е интересен за студентите од Турција?

Универзитетот Гоце Делчев, последниве неколку години примамува се’ повеќе домашни и странски студенти.  Најголем број од странските студенти на Универзитетот доаѓаат од Турција, а од нив најмногу се запишуваат на Факултетот за Медицински науки. Овој факултет секако е еден од најатрактивните и за домашните и за странските студенти.

Од разговорите со студенти од Турција успеавме да идентификуваме неколку заеднички причини поради кои доаѓаат во Штип.

  • Економски разлики – Македонија е економски по исплатлива за студирање на студенти од Турција кои сакаат да студираат во странство за разлика од другите држави во Европа.
  • Дипломата – дипломата која ја добиваат во Штип е призната не само во Турција, туку и во Европа и САД.
  • Близината – Македонија е најблиску до Турција и двете држави имаат традиционално добри односи.

На оваа тема имавме можност да поразговараме со три студентки на Факултетот за медицински науки, кои ни ја раскажаа својата приказна како тие дошле да студираат на УГД.

Фејза Нур Окмен: “За УГД слушнав преку консултантски компании кои носат студенти во странство. Бидејќи сакав да студирам во странство, но, да не биде далеку од мојата татковина, одлуката за студии остана на Македонија. Потешко ми оди учењето на јазикот, затоа што учиме ниво А2, што не е доволно за часовите на факултет”

Фејза Нур Окмен

Дилара Јилмаз: “Јас го одбрав УГД затоа што е државен факултет, дипломата е призната, и, најмногу од економска гледна точка. Кога пребарував на интернет, УГД беше еден од универзитетите на кој се запишуваат најмногу Турци, па решив да си ја пробам среќата. И, сега сум тука. На факултетот малку не ми се допаѓа стилот на кампусот, нема доволно места за одржување настани.”.

Дилара Јилмаз

Берил Орхан:“Како и повеќето странски студенти, и јас имам потешкотии со јазикот, затоа што ако не се обидуваме да го вежбаме јазикот, не можеме да го научиме, а, од граматичка гледна точка, тоа е потешко, затоа што во нашиот јазик нема родови. За УГД прво прочитав на интернет, а, потоа, од сугестија на мои пријатели, аплицирав за упис. Околината е доста добра, од аспект на луѓето, но, сметам дека треба да има повеќе активности.”

Берил Орхан

Иако студентите од Турција се најбројни, Универзитетот станува примамлив и за студенти од други држави.

„Ние секоја година запишуваме околу 200 странски студенти на сите студиски програми. Има поголем број студенти коишто учат подготвителна настава, меѓутоа бруцоши секоја година се околу 200. Интересот полека се буди и на другите студиски програми, освен Општа медицина, сега имаме сличен број на Дентална медицина, одреден број студенти на Фармација, но имаме студенти и на Правниот факултет и на Факултетот за информатика, односно компјутерска техника и наука, којашто е нова студиска програма. Доминантен број сѐ уште се студенти од Турција, но тоа полека се менува, имаме студенти и од западните држави од Европа, како што се Германија, Шведска, САД“, вели ректорот на УГД, Дејан Мираковски.

Според последните официјални бројки УГД има околу 1000 странски студенти во сите години на студирање и во подготвителна настава. Воедно има приближно 50тина студенти годишно кои доаѓаат во Штип како резултат на Еразмус размена.

СКОМ 2024 – конгрес на студентите по општа медицина
Приватните специјализанти потсетуваат на своите барања