
Авторки на истражувањето: Ирена Жежова и Дорина Стефановска
Денес, младите сѐ повеќе веруваат во информациите прикажани на веб пребарувањата и во бомбастичните наслови на вести кои кружат по социјалните мрежи, каде ретко кога го читаат текстот во целост.
Во последно време вакцините против Ковид-19 се актуелна тема за сите нас и кружат многу контроверзии околу истите. Една од таквите дезинформации е дека вакцината предизвикува стерилитет. Ова нé поттикна да направиме едно истражување каде анкетиравме млади лица на возраст од 19 до 36 години, кои ни дадоа свој став во врска во овие информации и од каде ги дознале истите. Во продолжение може да прочитате неколку од изјавите на лица чиј идентитет е познат за Гоце.мк, но за јавноста остана анонимен.

Едни велат дека немаат доволно информации или дека од премногу информации, остануваат збунети.
„Верувам дека сите објави кои тврдат дека вакцините против Ковид-19 предизвикуваат стерилност, не се поткрепени со научни факти. Сметам дека повеќето од статиите за поврзаноста на стерилноста и вакцините се само како clickbait, односно целта им е за да се добијат повеќе прегледи. Затоа треба да се верува само на проверените факти и истражувања кои ги објавуваат научниците чиј став е дека вакцините не предизвикуваат стерилност и ова е поткрепено со многу спроведени истражувања достапни за јавноста.”
„Не се вакцинирав до сега затоа што мислењата околу вакцините некако ми беа поделени од страна на медицинските лица/научниците и од страна на народот. Народот смета дека вакцините не се доволно испитани и дека последиците од овие „квази” лековити вакцини ќе се видат по неколку години. Меѓутоа, сите овие луѓе излегоа на интернет и зборуваа јавно на темата, можеби и она што првично ја создаде сета оваа конфузија е тоа што секој кога сака јавно да каже нешто/ да даде свое мислење , го прави тоа на социјалните платформи и така се формира едно големо бунило. Немам таква информација досега дека вакцините генерално предизвикуваат неплодност. Кружеа муабети, но стручните лица не ја поткрепија информацијата.”
„Немам доволно информации за тоа дали предизвикува неплодност, но да имам слушнато муабети. Сите извори со информации ги земам со резерва, никој не кажува ништо со сигурност туку со зборовите ,,постои веројатност‘’.“
Други пак велат дека добиле инструкции од своите лекари да не се вакцинираат. Лекарската комора веќе прави истражувања за лекари кои се т.н. антиваксери. Лекарите мораат да се држат до препораките на лекарската комора и на светската здравствена организација.
„Не сум вакцинирана поради недоволна испитаност на вакцините и можноста за неплодност. Од медицинско лице имам добиено предупредување дека може да останам неплодна после примена вакцина. Не сакам да именувам, но безрезервно верувам на мојот лекар и медицинските сестри и доколку ме советуваат да не се вакцинирам ќе ги послушам.”
„Како и секој лек, така и секоја вакцина има нус појави. Сметам дека не можеме да ги знаеме последиците од вакцините против Ковид-19 после подолг период. Кога зборуваме со медицинско лице, некои од нив ни велат да се вакцинираме само доколку сметаме ние самите дека е правилно што води до забуна поради недоволната сигурност во одговорот.”
Земајќи ги предвид изјавите и конфузијата меѓу младите лица, сакавме да поразговараме и со стручно лице. Гинеколозите не сакаа да коментираат на оваа тема, бидејќи се чувствуваа некомпетентни за да дадат совет и да одговорат на прашањата. Но, порачаа да не се верува во сѐ што ќе прочитаме на Интернет.
Од друга страна пак, СЗО уште во јуни реагираше против овие дезинформации, каде во интервју со Д-р Соумја Сваминатан се одговорија овие прашања. Во врска со митовите за стерилитетот таа изјави:
„Нема апсолутно никакви научни докази или вистина зад оваа загриженост дека вакцините на некој начин ја попречуваат плодноста, кај мажите или кај жените, бидејќи улогата на вакцините е да го стимулираат имунолошкиот одговор против тој протеин или антиген на одредениот вирус или бактерија. Така, во овој случај, вакцината за КОВИД го стимулира одговорот на антителата и имунолошкиот одговор против spike протеинот на вирусот. Значи, не постои начин на кој тие би можеле да го попречат функционирањето на репродуктивните органи кај мажите или жените. Така што, мислам дека луѓето можат да бидат уверени дека овие вакцини во никој случај не ја попречуваат плодноста.”
Повеќе научни студии во врска со побивањето на овој мит може да најдете на линкот: https://www.muhealth.org/our-stories/does-covid-19-vaccine-affect-fertility-heres-what-experts-say
Кој е вашиот став за овие прашања?