Ако мажот и понуди на жената да и помогне да носи тежок куфер или да паркира автомобил паралелно, што треба да мисли за тоа? Дали е тоа безопасен чин на добрина или сексистичко потценување на нејзината сила и способност? Социјалните психолози кои таквото однесување го опишуваат како „добронамерен сексизам“ силно го поддржуваат второто гледиште. Сепак, истражувачите открија и парадокс: жените се повеќе склони кон мажи чие однесување може да се опише како „добронамерно сексистичко“.
Некои велат дека жените едноставно не забележуваат на какви се начини т.н добронамерен сексизам ги загрозува затоа што тој вид на љубезност им ласка. Психолозите дури сугерираат дека добронамерниот сексизам е поштетен отколку отворено непријателскиот сексизам поради неговата прикриеност, бидејќи дејствува како „волк во јагнешка кожа“.
Социјалните психолози Пелин Гал од Државниот универзитет во Ајова и Том Р. Купер од Универзитетот Фрај во Амстердам ги доведоа во прашање овие наоди. Зарем жените не се доволно паметни да забележат кога мажот е со задни намери, се прашуваат тие.
„Ниту едно претходно истражување не испитуваше дали жените навистина не признаваат дека добронамерниот сексизам може да ги поткопува и да ги третира покровителски. Со оглед на нашето искуство во еволутивната теорија, ние исто така бевме заинтересирани дали ваквото однесување сепак е привлечно, бидејќи покажува подготвеност на потенцијалниот партнер да инвестира во жена и нејзино потомство. Затоа спроведовме серија студии за понатамошно истражување колку жените се привлечни за добронамерните сексисти “ – велат психолозите.
Штетни ефекти
Концептот на добронамерен сексизам за првпат бил развиен во 1996 година. Неговите креатори веруваат дека ставовите како „мажите треба да ги сакаат и да ги штитат жените“ (или да им ги отворат вратите од автомобилите) ги прикажуваат жените како помалку способни и зависни од машката помош.Според нив, добронамерниот сексизам суптилно ја поткопува родовата еднаквост.
Оттогаш, социјалните психолози се обидуваат да ги документираат катастрофалните ефекти од добронамерниот сексизам. Според студиите, жените кои се согласуваат на такво однесување со текот на времето се повеќе зависат од машката помош. Тие се поподготвени да им дозволат на мажите да им кажат што можат и што не можат, тие се помалку амбициозни и не постигнуваат толку добри резултати на работа и на когнитивни тестови.
Улогата на еволуцијата
Кога ќе ги погледнете овие документирани негативи, се поставува прашањето – зошто жените се уште ги привлекуваат добронамерните сексисти? Одговорот може да биде во она што еволутивните биолози го нарекуваат „теорија за родителско инвестирање“.
Додека мажите можат успешно да се размножуваат со обезбедување на само неколку полови ќелии, репродуктивниот успех на жената е поврзан со нејзината способност да минува повеќемесечна бременост и да лачи млеко.
Низ историјата, способноста на жената да избере партнер кој е способен и подготвен да помогне во процесот – преку обезбедување храна или заштита од напаѓачите – го зголемува нејзиниот репродуктивен успех.
Значи, еволуцијата ја обликува психологијата на жената така што им дава предност на партнерите чии особини и однесувања откриваат подготвеност да се посветат. Силната телесна градба (фигура) на потенцијалниот партнер (а денес неговата материјална состојба) покажува дека тој ја поседува оваа способност. Отворањето на вратата или нудење палто – значи дека тој би можел да го има посакуваниот карактер.
Женско мислење
Во своето истражување, Гал и Купер испитувале повеќе од 700 жени, на возраст од 18 до 73 години. Од нив било побарано да читаат профили на мажи кои изразуваат ставови или прават гестови што би можеле да се опишат како добронамерно сексистички, како што се давање на палта или понуда за помош при носење тешки кутии. Истражувачите потоа побарале од учесниците да ја оценат атрактивноста на овие мажи; подготвеност да се заштити, обезбеди и посвети; како и веројатноста да ги третираат „од високо“.
Наодите од нивната студија потврдија дека жените навистина мислат дека мажите со добронамерен сексизам се однесуваат покровителски и поверојатно ќе ги поткопуваат своите партнерки. Но, тие исто така открија дека – и покрај потенцијалните стапици – испитаничките ги сметаат за попривлечни. Во нивните одговори, тие процениле дека е поголема веројатноста таквите мажи да заштитат жена, да се грижат за неа и да и се посветат.
Жените им даваат предност на партнерите кои се подготвени да се посветат.
Ставот на феминистките
Научниците се прашуваат дали овие наоди можат да се применат само за жени кои прифаќаат традиционални родови улоги. Со цел да се елиминира таа можност, тие направиле анкета во која се обиделе да го одредат степенот на феминизмот, односно степенот до кој учесничките имаат феминистички ставови. Тие биле наведени да изразат колку се согласуваат со изјавите како што се дека жените не смеат да дозволат раѓањето и воспитувањето на деца да им застанат на патот на кариерата.
„Откривме дека истакнатите феминистки повеќе од традиционалните жени ги оквалификуваа мажите како покровителски и субверзивни. Но, таквите мажи беа и попривлечни за нив “, забележуваат психолозите. Мааните ги поттисна подготвеноста на мажите да се обврзат. Дури и убедените феминистки претпочитаат џентлмен, кој ја плаќа сметката на првиот состанок.
Научниците веруваат дека во ова време на затегнати родови односи, нивните наоди би можеле да обезбедат сигурност и за жените кои се збунети и не знаат што да мислат за мажите кои се однесуваат како кавалери, и за добронамерните мажи кои се прашуваат дали треба да го променат своето однесување кон жени.
Има уште интересни прашања. Дали добронамерниот сексизам секогаш ги поткопува жените? Може да зависи од контекстот. Човек кој премногу и помага на својата колешка на покровителен начин, може да ја намали нејзината способност да дејствува професионално и компетентно. Од друга страна, тешко е да се види нешто штетно кога и се помага на жена да преместува тежок мебел.
Разбирањето на овие нијанси може да помогне да се намалат негативните ефекти од бенигниот сексизам, без жените да мора да одбиваат навистина добрите работи што може да ги донесе таквото однесување.