ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
10.08.2021
Истражи го остатокот од светот со нуркање

Затрупани од секојдневните обврски и едноликото живеење, на секој од нас му треба ден – два одмор каде што ќе може да ги наполни батериите и да проба нешто ново. Наш предлог е да одите да нуркате, ќе истражите нов свет и ќе бидете исполнети со едно убаво и несекојдневно чувство.

Нуркачи си прават селфи

Повеќе детали околу нуркањето ќе ни откријат Scuba Diving Team – здружение на граѓани со седиште во Скопје кои се занимаваат со нуркање од деведесетите години.

„Како нуркачи ние сме обучени и сертифицирани по меѓународната нуркачка групација PADI (Professional Association of Diving Instructors) која е формирана уште во далечната 1966 година и на светско ниво е најразвиена и најраспространета. Во нашиот тим имаме меѓународен инструктор кој може да издава меѓународни нуркачки сертификати, како и обучени нуркачи кои се овластени секаде во светот да организираат и да спроведуваат нуркања. Нуркањето не само што ќе ви отвори сосема нов свет на природата, туку и ќе ве насочи за изборот на идните дестинации. Постои голема веројатност брзо да станете зависни од нуркањето како спорт, без разлика дали е од возбудата да откриете нов подводен живот, да истражувате подземни пештери или потонати бродови, или да избегате од сите стресови на реалноста за час“, велат тие.

Ги прашавме дали нуркањето е актрактиво за младите и добивме одговор дека нуркањето како спорт уште не е доволно развиен во Македонија, а младите сѐ уште не се доволно упатени во оваа активност и рекреација.

„Секое нуркање е различно, кога и да одите, каде и да одите, а тоа го прави нуркањето уште поатрактивно. Без оглед на тоа каде ќе нуркате, дали во езеро, како што е Охридското, дали на море, секое нуркање ви носи посебна убавина. Секоја глетка под вода е различна. Која дестинација и да ја одберете нема да згрешите, секоја има своја убавина, свој шарм и авантура. Не значи дека ако повторно одберете иста дестинација и дека исто ќе се чуствувате или дека ќе се сретнете со истиот подводен свет“, велат од тимот на Scuba Diving.

Колку е ризично да се нурка и колку луѓето се плашат од ваква авантура?

„Во нуркањето како и во другите екстермни спортови како што се алпинизмот, падобранството и други, постои степен на ризик, меѓутоа доколку се почитуваат правилата кои се меѓународно стандардизирани, степенот од несакани ситуации е сведен на минимум.

Пред секое нуркање јасно и недвосмислено му се кажува на секој нуркач да ги почитува правилата за кои, доколку сам и свесно се обиде да ги занемари или непочитува се изложува на опасност, а ние како инструктори ќе го исклучиме од нуркањето, односно за него нуркањето ќе заврши.

Можеби делува малку строго и ригорозно, но здравјето и животот се непроценливи. Наш приоритет и наша цел е максимална безбедност под вода“

Нуркачите кои не се искусни имаат низа прашања и стравови, но и многу импресии кога ќе излезат од под вода.

„Најчесто поставувани прашања добиваме од типот на тоа колку длабоко ќе се нурка, дали има убав жив свет под вода, колку време се нурка, колку воздух, што доколку им влезе вода во маската, што доколку ги фати паника…

Токму затоа, пред секое нуркање со почетници се врши обука за начинот на кој функционира опремата со цел да се влее доверба во опремата која самиот нуркач ќе ја користи. Се прави брифинг во која насока ќе се нурка, на која длабочина, се објаснува начинот на комуникација под вода со рачни сигнали (има неколку основни рачни сигнали кои секој нуркач почетник ќе мора да ги научи пред самото нуркање).

Секој кој првпат пробува да нурка чуствува минимална нелагодност поради соочувањето со нечовечка средина, меѓутоа брзо се навикнуваат да дишат преку регулаторот (уред кој како дел од опремата служи да ни овозможи доток на воздух) за време на нуркањето и брзо се аклиматизираат на видното поле. За кратко време нуркањето го сметаат за многу мирно и релаксирачко искуство.

После секое нуркање реакциите се беспрекорни на лицата на нуркачите. Реакции од типот на, цитирам: „преубаво”, „кога повторно ќе нуркаме”, „многу јако”, „ова е преубаво, дефинитивно почесто ќе доаѓам да нуркам”… и уште многу слични, преубави и неописливи реакции кои ги добиваме како инструктори кои сме им покажале еден сосем друг свет.“

Доколку чувствувате потреба дека ви треба слободен ден од секојдневните обврски и случувања околу вас, наша препорака е да пробат со овој авантуристички спорт. Многу луѓе кои сакаат да пробат нешто ново и не така едноставно велат дека ова е вистинскиот начин да го истражите остатокот од светот токму со нуркање.

Фото: Scuba Diving Macedonia

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?