ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
16.07.2021
Како го запознав(а)ме Кожуф

За време на пандемијата со Ковид 19, се доби впечаток дека нагло се зголеми интересот за одење на планина – можеби луѓето така затворени станаа свесни што значи слободата, широчината, свежината што ја дава природата и планината… Благодарение на соработка помеѓу Спортскиот и културен центар на УГД, Факултетот за туризам и бизнис логистика и Планинарското друштво „Двете уши“ од Гевгелија, и ние, вљубеници во природата од Универзитетот, имавме можност да се запознаеме со една од најубавите планини воМакедонија, Кожуф….Нормално, искусните планинари од Гевгелија за нашето (за некои од нас прво) запознавање со Кожуф, избраа релативно лесна патека, која не однесе до врвот Чичи Каја, на надморска висина од 1760 метри.

Тргнуваме од Штип…дел од нас, професори, асистенти, вработени на УГД, речиси првпат се соочуваат со искачување на планина, дел веќе се поискусни…дел пак, се чувствуваат како основци пред екскурзија, само ги нема мама и тато да не испратат и да ни дадат уште некој совет и да ни маваат со раце на тргнување 🙂 Шегата настрана, свежината на утрото убаво ни доаѓа, па патот од Штип преку Струмица, Валандово, до Гевгелија, каде не пречекаа домакините од планинарското друштво „Двете уши“ беше баш пријатен….а домакините, се гледа, искусни, подготвени,за нив планината е речиси втор дом, за дел од нас, таа приказна допрва започнува… Да не заборавам, по пат, на две места, рутинска проверка од полиција, претпоставка заради можноста за „мигранти бизнис“ (а нешто подоцна, на висините на Кожуф, се потврди дека можноста навистина е тука ).

„Кризата“ за кафе не фаќа повеќето, ама падна договор – кафе и чај на Смрдлива вода, каде ни е првата станица и официјалното добредојде. Тргнуваме од Гевгелија, и полека, неосетно, рамницата се замeнува со височинки, ридови, па Кожуф, од планина во далечината, ни доаѓа се поблиску и поблиску. Како се приближуваме кон познатата месност Смрдлива вода, се поблиску и поимпозантни изгледаат врвовите на Кожуф ( а ги има повеќе од десет, од кои 8 се над 2000 метри надморска височина). Чичи Каја пак, кој ние сакаме да го освоиме, има „само“ 1760 метри, ама погледнат од правецот од кој одиме, изгледа како неосвоива тврдина!

Но, пред да стигнеме до него, има уше што да се види. Некаде на средина од патот од Гевгелија до Смрдлива вода, застануваме, и гледаме огромно градилиште. Се гради браната на акумулацијата Конско, која, велат нашите домакини, требало одамна да биде изградена, ама ете сега и дошол редот. Ова значи дека во иднина, глетката на пат до прекрасниот Кожуф ќе биде уште поубава, со езерото кое овде ќе се формира.

Продолжуваме, и полека стигнуваме до Смрдлива вода, месност, по која, реално, најголем дел од луѓето го препознаваат и идентификуваат Кожуф. Од сите краеви на Македонија, па и пошироко, луѓето доаѓаат и полнат од природната минерална вода, за која одана е кажано дека е лековита. Месноста има и туристички, угостителски дел, со неколку ресторани, како и прочуениот леб на фурна, со навистина неодолив вкус. Време е конечно за кафе…добро, и чај 🙂 добро, и понешто посилно 🙂 И тоа планински и планинарски, во домот на нашите домакини, планинарите од ПД „Двете уши“. Не запознаваат дека ако кон Чичи Каја пеш тргнеме одовде, од Смрдлива вода, ќе треба да изодиме околу 10 километри, или во време, околу 3 и пол часа. Полесната варијанта (која ја избравме ние) е со возила до месноста Асан чешма, а од таму, пешачење околу час  половина.По асфалтниот пат кој води низ шумите на Кожуф треба да возите внимателно, бидејќи има многу одрони. А шумата, глетките…оставаат без здив. Десно останува врвот Двете уши, а ние се приближуваме кон Асан чешма, откаде ќе продолжиме пеш. На неколку места минуваме речиси под врвот Чичи Каја, кој изгледа уште понеосвоив – за оние кои не знаат дека си има и своја поблага, јужна страна. На стотина метри до нашата дестинација од која продолжуваме пеш, изненадување на патот – дваесетина млади луѓе, по тенот кој го имаа (а прилично беше јасно дека не е од сончање) не од Македонија, маваат раце кон комбињата со кои патуваме… Веројатно помислија дека им дошол превоз, откако ја поминале границата по сртовите на Кожуф, на својот мигрантски пат кон подобра иднина во Европа… На враќање ги видовме кај Смрдлива вода, во друштво на полицијата…

Краток одмор , и почеток на пешачењето за искачувања кон Чичи Каја. Почетокот по полесниот дел, делумно по стариот пат кон врвовите на Кожуф, по обележана патека….Како се искачуваме, се повеќе доминира живописниот растителен свет, експлозија од бои, растенија, која со секој изминат метар само добива на интензитет.

Зад нас се шири глетка кон централниот дел од Македонија, во далечината може да ја видите Демир Каписката клисура, Неготино…и поглед кон Источниот дел на Македонија. Напред, се погуста шума, високи дрвја… Застануваме кратко на место каде има споменик, место каде во 1997 се случила авионска несреќа, во која животот го загубил пилотот Димче Димовски.

Патеката станува се пострмна и  бара бапор, но искусните домакини држат вистинско темпо и заморот се совладува….Знак дека сме блиску до нашиот врв – Чичи Каја, е тоа што по отприлика час и 15-тина минути дење, пред нас се отвора прекрасна глетка на сртовите на Кожуф, кои ги гледаме како да се пред нас, а всушност стоиме на работ на провалија.

Чувството – не се опишува! Малку одмор,сликање, селфи, и продолжуваме кон Чичи Каја, кој сега е  сосема блиску…излегуваме на рамница, и полека пред нас се отвора глетка кон далечинит во кои е Гевгелија, во далечина и Дојранското езеро, а како што велат планинарите, во добри временски услови мже да се видат и Олимп и Солун, Егејот во Грција, и Рила во Бугарија…како и сите врвови на Кожуф. Како на дланка пред нас е пределот по кој дојдовме , се гледа и Смрдлива вода, и браната која се гради….глетка која со пари не се плаќа.Време е за одмор, освежување, надополнување на батериите…

На врвот, богатство од растенија – сите лековити за нешто, сите со своја специфика…шумските јаготки се неодоливи да се пробаат, а ако некогаш сте се чуделе како на пример цвеќето Чувар на куќата не ви успева дома, ќе се прашате како ете успева само од себе овде, на Чичи Каја, на Кожуф! Едноставно, на сите страни имате докази зошто Кожуф е една од најубавите планини во Македонија.

Враќањето назад нешто побрзо но си бара напори. Нешто помалку време е потребно за да се вратиме до Асан чешма, но нозете заболуваат од „кочење“ (добро, можеби и од неподготвеност, неискуство). Водата од Асан чешма, околу која планинарите се потрудиле да исчистат, и да биде пријатно да се седи во сенката на летниковецот кој е направен, е како од фрижидер и вистински освежува.

Изморени ама задоволни, се враќаме со комбињата до Смрдлива вода, каде не одолеавме на предизвикот да наполниме минерална вода и да купиме леб, кој се пробува веднаш во комбето, заедно со пинџур – изработа на ПД „Двете уши“. Крајот на денот е во Негорски бањи, каде во пријатниот амбиент на ресторанот ја дегустираме локалната храна. Нормално паѓа договор за нова средба, за нови предизвици за освојување, и тоа нашто повисок – следен е врвот Двете уши. И тоа е почеток на едно прекрасно пријателство. За нас, и еден прекрасен ден на Кожуф и препорака – почесто да ги посетуваме планините…тоа е вистинска терапија за многу сетила….

(Аудио) Силата на еден став
Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки