ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
23.08.2021
Крипто – манијата ги обзема и младите во Македонија – што треба да знаете за „копањето“ и тргувањето?

Инвестирањето во Крипто валути, купување, продажба на интернационални берзи преку интернет станува голем тренд особено меѓу младата популација.

Тргувањето со дигитални валути се смета како „лесна заработувачка“ и многу млади луѓе влегуваат во ова без притоа да истражат доволно.

Крипто и Блокчејн технологијата е прилично комплицирана и двата сегменти – „копањето“ на валути и тргувањето со валути бара различни вештини и знаења.

Ние консултиравме луѓе што „копаат“ и луѓе кои се занимаваат со тргување на валути.

Златко „копа“ од 2017 година, а тогаш се информирал од луѓе и форуми на интернет. Тогаш цените на компјутерските делови со кои се „копа“ биле значително пониски, денес се релативно високи.

За да се почне со „мајнинг“ се потребни најмалку 2000 евра, но не се потребни само пари туку и треба посебна просторија за машините каде што ќе бидат сместени, добро поставена електрична инсталација, поради тоа што машините се големи потрошувачи, професионална вентилација поради топлината што ја испуштаат машините додека работат и нормално познавање од компјутерски хардвер и софтвер. Најчесто се зборува дека тоа е бизнис без работа, но не е така, работа има, хардверот се расипува, треба промена на кабли и делови, софтверот некогаш блокира треба да се преинсталрa и слично, вели Златко.

Според него, интересот за копањето расте поради високите цени на крипто валутите.

Тој вели дека „копаат“ луѓе чии што професии немаат никаква врска со информатика или компјутери.

Во врска со валутите кои се копаат моментално има голем број на валути, но најпопуларни и најисплатливи се Биткоин BTC, Етериум ETH, Етериум Класик ЕTC и Равен Коин RVN. Копањето е исплатливо. Инвестицијата за една машина се враќа за околу една година, вели Златко.

Ископаните крипто валути т.н. „мајнери“ ги продаваат на сметки преку т.н. crypto wallets, а во Македонија веќе има и менувачници што работат со крипто валути.

Од друга страна оние кои се занимаваат со тргување и со истражување на крипто пазарарот велат дека има многу млади кои без доволно да истражат инвестираат.

Со критпо не се заработува толку лесно. Кога инвестираш, во било која област, не заработуваш туку ризикуваш пари со цел да добиеш капитал кој во иднина може да порасне. Освен ако не тргувате редовно, тогаш тоа е работа, вели нашиот извор.

Младите често прават некои основни грешки кога се обидуваат да влезат во тргувањето. Нашиот добро упатен извор набројува едни од најчестите грешки:

Не си ги заштитуваат приватните клучеви, односно парите. Сметаат дека имаат доволно знаење со тоа што гледале две-три видеа на Јутјуб. Не знаат дека може да се купи сосема мал дел од Биткоин и купуваат крипто од проекти кои се неуспешни. Понекогаш брзаат да заработат пари мислејќи дека задоцниле, но вистината е дека сѐ уште сме многу рано во целата работа.

Неодамна и Народната Банка на Северна Македонија се огласи по повод крипто тргувањето и неговата легалност. Во нивното соопштение се вели:

Во глобални рамки речиси и да не постои регулатива којашто го регулира издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средства, иако потребата за регулирање станува сѐ поочигледна.  Кај нас, како и во други земји, прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средствата не е регулирано, вклучително ниту во Законот за девизно работење (и неговите подзаконски акти) којшто го регулира и работењето со странство. Сепак, ова не значи дека работењето со крипто-средствата е недозволено, туку во моментов тоа е нерегулирано.

Поради комплексноста и анонимноста, трансакциите со крипто-средства имаат повисоко ниво на ризик од перење пари и финансирање тероризам. Оттука, банките се должни да ги почитуваат покрај соодветните барања поврзани со девизниот режим, така и прописите поврзани со спречувањето перење пари и финансирање тероризам.

Се повеќе информации говорат за тоа дека Крипто валутите се иднината на монетарните системи, но сѐ уште многу малку луѓе се доволно информирани. Неофицијално, многу држави, вклучувајќи ја и нашата, подготвуваат регулативи кои ќе ги вклучат и крипто валутите, во меѓувреме постојано се слуша за луѓе кои стекнале одредено богатство токму преку тргување или копање.

Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки
Здравствени политики за сите