ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
17.08.2021
Машински инженер фотографира мини играчки и советува како до подобра фотографија

Постојано по социјалните мрежи гледаме фотографии кои се направени совршено, ама деновиве посебно внимание ми привлече профилот на Кирил Муцевски – машински инженер, чие хоби е фотографирањето, па го прашав да ни каже нешто повеќе за неговото хоби и да ни даде некој совет како да направиме убава фотографија.

„Љубовта за вакво несекојдневно фотографирање започна пред неколку години, сосема спонтано. Прво ме привлекоа и почнав да фотографирам минијатурни модели на автомобили (во размер 1:18, 1:24, 1:43, 1:64 итн.) од Bburago, HotWheels, Maisto, Kinsmart и Welly, а подоцна и познатите јунаци од MARVEL, LEGO коцките и други слични играчки. Еден од најважните предизвици е визуелното презентирање на фотографираните јунаци и нивното вклопување во околината како би се доловила приказната и пренела идејата на пореалистичен начин. Во последно време вистинско задоволство и предизвик се фотографиите каде е прикажано некое движење или акција, со користење на практични ефекти, принудно дување прашина, распрскани зрнца ситен песок или капки вода.“ – вели Кирил.

Кирил вели дека се што научил поврзано со фотографијата е самостојно од разни онлајн туторијали, упатства, сопствени експерименти и слично. Според него фотографијата е поврзана со тоа колку една личност е креативна и колку може да ја совлада техниката на фотографирање и компонирање.

Имам слушнато дека фотографите мразат auto, дали е тоа точно?

Автоматскиот режим на работа на фотоапаратот за понапредните фотографи е прилично фрустрирачки, затоа што се дозволува фотоапаратот сам да одлучува каде ќе фокусира, со колкав отвор на бленда и експозиција ќе фотографира, а тоа многу често ја нарушува креативноста и дава сосема поинаква димензија на самата композиција. За целосна контрола најдобро е да се користи Мanual Мode или некој од полуавтоматските режими на работа.

Кирил Муцевски

Кога користиш целосно мануелен режим а кога полуавтоматски режим?

Во услови на променлива светлина и динамика на објектот, најчесто фотографирам во полуавтоматски A (Aperture Priority) mode со лимитирано auto ISO, или S (Shutter Priority) mode, зависно од потребата и од тоа што сакам да нагласам во композицијата. Во услови на константна светлина и статичен објект вообичаено користам Full Мanual Мode.

 Raw или Jpeg?

Ги користам и двата формата, почесто Jpeg форматот затоа што е поуниверзален, поедноставен и побрз за трансфер, зафаќа помалку простор на хард дискот, достапен е веднаш без дополнителна конверзија, а квалитетот на фотографиите за објава на социјалните мрежи е повеќе од задоволителен. Raw формат користам кога ми е потребно да постигнам максимален квалитет на фотографијата и кога сакам подоцна во пост-обработката да подесам различен white balance или некои дополнителни корекции.

Може ли да се направи добра слика со телефон?

Секако дека може. За фотографирање на статични субјекти би рекол дека предизвикот е подеднаков и кај фотоапаратите и кај телефоните, бидејќи денешниве телефони имаат одлични камери со напредни можности за мануелно подесување и релативно солидна контрола на фокус. Според мене честопати многу поважно е самото компонирање на фотографијата, доловениот момент и пренесената идеја, за разлика од техничките детали и квалитетот на фотографијата, иако ракувањето, подесувањето и самиот начин на фотографирање е доста поразличен.

Кирил е човек кој открил што го прави среќен. Со неговите фотографии има учествувано на повеќе фотографски натпревари на различни теми и платформи, повеќекратно наградуван на GuruShots, рангиран во ТОП 10 фотографи на 35AWARDS 2020 – што ни покажува дека доколку ја пронајдеме работата која нѐ прави среќни, тогаш сме постигнале многу во своите цели.

 

Велосипедисти од Штип во хуманитарна мисија
Корупцијата и младите – како да го промениме светот одвнатре