
Првите три дена од новата учебна година, која започна со физичко присуство, ги карактеризираше она што всушност беше обележје и на периодот пред започнување на наставата – за и против наставата со физичко присуство, поради стравот од ширење на Ковид заразата. Веќе почнаа да се пласираат и информации за заразени деца, по што уследи и официјална реакција од Министерството за образование и наука.
Според податоците на Министерството за образование и наука, добиени од раководствата на училиштата на втори септември, меѓу учениците, само 0,01 % се активни случаи на Ковид-19. Ист е процентот и кај наставниот кадар.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска денеска при посетата на Основното училиште „Ацо Шопов“ во Радишани изјави дека четиринаесет ученици во основните и средните училишта се позитивни на Ковид-19. „Ниту еден од нив не е заразен во училиште, интерна трансмисија во училиштата нема“.
Според неа, позитивни на ковид се 0,01 отсто од учениците кои што ја следат наставата со физичко присуство, а станува збор за над 233 илјади ученици во земјата. Санитарната инспекција е на терен.
Таа ги повика наставниците и учениците да се придржуваат до протоколите, оти само на тој начин ќе се овозможи да продолжи наставата со физичко присуство.
Во училиштата строго се почитуваат планот и протоколите за заштита. Учениците, наставниците и другиот помошно-технички пероснал во училиштата задолжително носат заштитни маски во затворен простор, задолжително се мери телесна температура на влез во објектите и се прави дезинфекција на рацете. Исто така, постојано се проветруваат училниците и се прави честа дезинфекција на клупите и подовите.
Брзата реакција и почитувањето на мерките е најдобрата заштита. Ги повикуваме наставниците, родителите и раководствата на училиштата доколку се сомневаат за позитивен случај веднаш да алармираат до здравствените установи и епидемиолошките служби кои ќе постапат согласно алгоритмите.
Министерството за образование и наука апелира на доследно почитување на протоколите за заштита, бидејќи минатогодишното искуство ни покажа дека со практикување на мерките, училиштата не се трансмитери на заразата. Секако, неопходно е одговорно однесување и надвор од училишните објекти. Само така ќе спречиме ширење на вирусот и ќе овозможиме квалитетна едукација за младите, преку настава со физичко присуство која нема подобра алтернатива.
Во учебната 2021-2022 година, настава во основните и средните училишта посетуваат околу 257 илјади ученици