Блаже Конески е една од најзначајните личности за македонската книжевност. Каде се сега неговите наследници?
Теона Ацеска, државен првак по македонски јазик и литература е една од нив. Теона има освоено над 50 награди од областа на македонски јазик, италијански јазик па дури и математика.
“За човекот да знае кој е, мора да знае кој бил, чиј е, од каде му се корените. Јас отсекогаш се интересирав за мојата семејна историја, ем по мајчина, ем по таткова страна. Конкретно со Конески, поврзана сум по мајчина страна, по мојата (сега покојна) баба Лилјана, по мојот прадедо Коне Конески. И ден денес постои нивното огниште во Небрегово, родната грутка на Конески. Но, моето сродство со Конески не е само по крв, ами и духовно”, вели Теона.
Уште кога била мала нејзината љубов кон мајчиниот јазик постоела. Мајчиниот јазик ја направил тоа што е денес. Таа е исто така многу благодарна на своите професорки Виолета Христоска и Лидија Тошеска кои ја бодреле и подучувале.
Теона има објавено две дела “Спротивна од безнадежност” и “Од пупка до цвет, поетско цутење”.
“Инспирацијата е насекаде, животот, времето, сите случувања околу мене. Колку само пати се случувало да се разбудам од сон за да запишам некоја мисла! Обично, мојата фантазија подобро функционира навечер, но нема правила. Оваа моја професија е таква што не познава работно време”
Секој автор преку своите дела сака да пренесе некоја порака. Еве што сака да ни каже Теона:
“Јас цврсто верувам дека вистинските вредности се основата на еден убав и исполнет живот. Книгите токму на тоа и нѐ учат. Мојот прв роман, на пример, носи многу симболичен наслов ,,Спротивна од безнадежност”. Зад тој наслов стои цела една филозофија, за љубовта, за среќата, за важноста на надежта во животот. Затоа токму и на младите им го посветив ова свое дело. Со надеж дека откако ќе го прочитаат, ќе го засакаат читањето и книгите. Понатаму, мојата втора книга ,,Од пупка, до цвет, поетско цутење” зборува за цутењето на еден метафоричен начин, за тоа како јас станав поетеса. Општо, пак, мојата порака е да ја чуваме и негуваме љубовта. Или како што велам во својата најнова стихозбирка, да живееме за неа, а не од неа”.
Но, се има и по некоја лоша страна.
“Per aspera, ad astra” – се вели во латинскиот јазик, или во превод ,,Преку трњата, до ѕвездите”. Ова е една многу благородна работа, како што реков, но за жал недоволно ценета и недоволно платена”.
Денес Теона е студент на медицина во Универзитетот “Гоце Делчев” и во иднина планира да објави уште неколку дела.