ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
17.07.2021
Што треба да знаете за кремите со заштитен фактор?

Летото веќе дојде, а со тоа започнаа и летните горештини. Заштитата од сонцето треба да ни е на прво место ако сакаме правилно да се заштитиме од УВ зрачењето. Неправилното изложување на сонце може да биде фатално за нашето здравје. Поради тоа постојат многубројни начини за заштита од сончевите зраци од кои најпопуларни меѓу луѓето се кремите, лосиони, спрееви, масла, гелови со заштитен фактор кои се нанесуваат директно на кожата.

Покрај заштитен фактор, кој не е целосна заштита од УВ зраците, потребна е дополнителна заштита од сончевите зраци, како носење на лесна облека, очила за сонце, капа, сенка итн.
Без разлика на пигментацијата на кожа, сите луѓе треба да користат заштитен фактор за да може да ги спречат оштетувањата на кожата. Сончевото зрачење предизвикува предвремено стареење на кожата, појава на пеги, дологотрајното изложување предизвикува изгореници, исто така се има ризик од појава на рак на кожата.

Што точно претставува SPF (Sun Protection Factor) односно фактор за заштита од сонце?

SPF бројот кој го пишува на амбалажата на продуктот го претставува нивото на заштита што го нуди производот. Но, треба да се забележи дека заштитниот фактор всушност покажува колку долго време ќе и треба на вашата кожа да поцрвени после нанесување на кремот, споредено со времето потребно кожата да поцрвени кога немате нанесено заштитен фактор.
Бројот на заштитниот фактор го претставува нивото на заштита од штетното сонце:

  • SPF 10 штити 90%
  • SPF 15 штити 93%
  • SPF 30 штити 97% од УВ зраците   
  • SPF 50 штити 99%

Како што може да видите разликата во нивото на заштита е мала, но имајте на ум дека бојата на кожата, возраста, склоноста кон изгореници треба да влијаат врз изборот на заштитниот фактор. Исто така изборот треба да се направи и според тоа кој дел од телото го заштитувате.

  • Кремовите се добри за сува кожа и лице.
  • Геловите се препорачуваат за влакнести површини како скалпот (делот под косата), или пак градите кај мажите.
  • Стиковите се добар избор за околу очите.
  • Спреевите се практични за нанесување на детската кожа.
  • И специјални производи направени за бебиња и за чувствителна кожа.

За стручен совет се посоветувавме со специјалист дерматолог  Др. Анџелка Илиева.

Др. Анџелка Илиева

  • Како и кога треба да се користи кремата со заштитен фактор за кожа?
  • Др. Анџелка: Кремата со заштитен фактор треба да се користи секогаш пред изложување на сонце, со тоа што се нанесува 20 до 30 минути претходно, на сите делови на телото кој што не се покриени со облека (лице, врат, деколте, дланки, нозе)
  • Дали само во летниот период треба да се користи крема со заштитен фактор?
  • Др. Анџелка: Не, крема со заштитен фактор треба да се користи во текот на целата година, посебно кај пациенти кој професионално се занимаваат со работа или спорт на отворено.
  • Која е разликата помеѓу 10, 30 и 50 заштитен фактор?
  • Др. Анџелка: 10, 30 или 50 заштитен фактор служи за да се покаже колку време кожата е заштитена од изгореници и штетни влијанија од сончевите зраци, на пример ако на некое лице му се потребни 10 минути да се здобие со црвенила од сонце без заштитен фактор, во тој случај вредноста на овие минути се множи со бројот на факторот и се добива број во минути кој покажува колку време кожата е заштитена со факторот. На пример ако користи крема со фактор 30, 10 x 30 = 300 тоа значи дека пациентот е заштитен 300 минути, односно 5 часа.
  • Според што се одредува кој фактор треба да се користи?
  • Др. Анџелка: Кој фактор треба да се користи се одредува според фототипот на кожата и нејзината чувствителност.
  • Дали е штетно секојдневното континуирано користење на креми со заштитен фактор?
  • Др. Анџелка: Секојдневното користење на креми со заштитен фактор единствено може да биде корисно не само за заштита на кожата од изгореници и предвремено стареење, туку и најважна улога – заштита од рак на кожа.

Од работното искуство во аптека, магистер по фармација  м-р Мартин Илиев  ни одговара на неколку прашања гледани од негова перспектива.

Др. Мартин Илиев

  • Дали луѓето (пациентите) имаат навика да си обезбедат навремено креми со заштитен фактор?
  • м-р Мартин: Па, ретко, би бил одговорот на ова прашање – Да. Многумина веруваат дека козметиката за сончање е потребна само во лето. Многу е мал процентот на луѓе кои користат заштитен фактор во првите месеци од годината кога висината на УВ зраците може да биде и тоа како голема. Вообичаено најголема побарувачка за креми со заштитен фактор при појава на хиперпигментација и секако пред летување.
  • Дали бараат совет од вас фармацевтите за тоа кој заштитен фактор да го земат?
  • м-р Мартин: Да! Најголем дел од пациентите кои имаат потреба од заштитен фактор бараат консултација со фармацевт. Тенот на кожата, возраста, а во одредени ситуации и финансиската моќ на купувачот се клучни за изборот на препаратот. Ме радува фактот што кај најголем дел од пациентите кои бараат заштитна крема со фактор, советите, искуствата и знаењата на фармацевтите се испочитувани.
  • Кој фактор за заштита е најбаран од потрошувачите кои доаѓаат во аптека?
  • м-р Мартин: SPF 50! Најголем дел од пациентите кои доаѓаат во аптека по крема со фактор бараат со SPF50, најверојатно водени од помислата дека доколку се намачкаат со поголем фактор ќе бидат заштитени цел ден, што е погрешно! Ниту еден препарат не дава апсолутна заштита. Јас лично SPF50 би го препорачал кај луѓе со чувствителна кожа и кај оние со ептен бел тен, како и кај оние кои имаат применето хемиски пилинзи на лице.
  • Дали луѓето прашуваат што значи заштитен фактор и дали вие како фармацевт сте должен да им објаснете и да ги посочете при одбирање на заштитен фактор?
  • м-р Мартин: Дел од пациентите прашуваат, но дел и не, индивидуално… но кога станува збор за препаратите со заштитен фактор оваа е едно од почесто поставуваните прашања. Комуникацијата фармацевт – пациент е неопходна, ние сме должни да им дадеме одговор на секое прашање кое е во наш домен. Во контекст на темава пациентот и ништо да не ме праша, моја обврска е да му спомнам дека времето на нанесување на кремата пред да излезе дирекно на сонце тереба да биде 15 – 30 минути и дека после секое капење добро би било да се нанесе повторно и да не се заборава пределот околу очите и усните.
проф. д-р Ивица Смоковски: Дијабетесот е пандемија со многу засегнати лица
Воздухот значително загаден и во градинките и школите