ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
10.09.2026
„Сексуално образование“ повлечено од средните училишта
Автор: Goce Author

Изборниот предмет „Сеопфатно сексуално образование“ е повлечен од средното образование, по реакциите во јавнста.

Министерството за образование и наука ја повлече наставната програма и изборниот предмет „Сеопфатно сексуално образование“ за средношколците, откако во јавноста се појавија реакции против неговото воведување.

Министерката Весна Јаневска најави „длабока ревизија“ на програмата, по која треба да се утврди дали и во каква форма предметот повторно ќе биде понуден.

Важно е да се нагласи дека не станува збор за задолжителен предмет за сите средношколци. Програмата беше предвидена како изборен предмет за учениците од прва до четврта година, односно учениците би можеле сами да изберат дали ќе го изучуваат. И самата Јаневска посочи дека постојат научни докази за користа од сексуалното образование во возраста во која младите се соочуваат со прашањата опфатени во програмата.

Зошто е повлечена програмата?

Според досега објавените информации, МОН не соопшти дека утврдило конкретен проблем или штетна содржина во наставната програма. Образложението на министерката е дека одлуката е донесена по „реакциите во јавноста“ и дека програмата треба детално да се прегледа за да се утврди дали во неа има нешто што може да биде спорно. Јаневска рече дека за ревизијата ќе биде вклучено и Бирото за развој на образованието, а таа лично ќе ја разгледа програмата „збор по збор“.

Во исто време, министерката објасни дека програмата опфаќа теми како семејство, превенција на сексуално преносливи инфекции, заштита од несакана бременост, родова рамноправност и недискриминација. Таа не најави дека предметот дефинитивно се укинува, туку дека по ревизијата ќе се одлучи дали и во која форма ќе биде понуден.

Прирачник за средношколци од 2011 крена прашина во 2023

Односно, повлекувањето засега е привремено и претставува политичка и институционална реакција на јавните критики, а не објавена стручна оценка дека самата програма е штетна. Токму ова е една од клучните точки во реакцијата на ХЕРА.

Од ХЕРА велат дека со загриженост ја примиле одлуката и предупредуваат дека повлекувањето на сексуалното образование не ги отстранува ризиците со кои младите веќе се соочуваат.

Според организацијата, податоците за сексуалната експлоатација и злоупотреба на деца преку интернет се особено загрижувачки. ХЕРА наведува дека околу 10 проценти од децата на возраст од 12 до 17 години, односно речиси 12.000 деца, биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во период од една година.

ХЕРА: Проблемот не исчезнува со повлекување на предметот Сеопфатно сексуално образование

Организацијата наведува и дека само 19 проценти од анкетираните деца изјавиле дека добиле некаков вид сексуално образование, додека во 2024 година биле регистрирани 588 породувања кај мајки на возраст од 15 до 19 години.

ХЕРА смета дека токму во ваков контекст на младите им се потребни информации за тоа што претставуваат согласноста и личните граници, како да препознаат злоупотреба и насилство, како да се заштитат од сексуално преносливи инфекции и несакана бременост и каде да побараат помош.

Македонија со една од највисоките стапки на малолетничка бременост во Европа – сексуалното образование мета на дезинформации

Што следува?

Засега предметот нема да се изучува во средните училишта. Следува ревизија на програмата, по која МОН треба да одлучи дали ќе биде изменета и повторно понудена како изборен предмет.

Така, спорот не е само околу тоа дали треба да постои сексуално образование, туку и околу прашањето што точно треба да содржи една ваква програма, на која возраст треба да се изучуваат различните теми и како во процесот да бидат вклучени родителите, наставниците и стручната јавност.

(Видео) Студент од Германија студира медицина во Штип
(Видео) Св. Илија: Црква, Џамија или нешто сосема друго?