Иселувањето од родните земји како глобален тренд бавно ама сигурно ги празни улиците низ Македонија. Се поголем број граѓани се одлучуваат да ги напуштат своите домови и да одат да работат и живеат во странство, а штом го направат тоа, одлуката за враќање назад е далеку од остварлива.
Поразговаравме со млади луѓе кои се надвор од нашата земја, ги прашавме која е причината за нивно иселување и колку е тешко да се донесе таква одлука. Трајко во Дојран работел како стоматолог до пред пет месеци, кога и решил да се исели.
Желбата за живеење во странство се јави пред неколку години. Не можам да издвојам една причина која би ја навел како главна за моето иселување, туку би рекол дека тоа е сплет на настани и преживеани емоции кои верувам дека се присутни кај сите кои ја напуштиле Македонија. Сплет кој во себе содржи: револт, разочарување, безнадежност…Уште како мал се сеќавам дека секогаш слушав „за подобро утре“, но низ годините разбрав дека е само обична фраза која се користи често по рекламите на телевизија. Прв пат ја напуштив Македонија како дел од „work and travel“ програмата преку универзитетот и заминав во Америка. Кога се вратив назад сфатив дека „подобро утре“ може да има само надвор од овие граници.
Кратките престои во странство за време на студиите се нешто што го мотивирало и Иван од Штип. Тој е дипломиран новинар од Универзитетот во Штип.
Одлуката или пак, можноста да се избегне секојдневието во родениот град беше уште во студентските денови, со можност за „work and travel“ авантура во некоја од европските земји, но исто и можноста за Еразмус размените. Тие неколку месечни искуства се повеќе ја вродуваа желбата за развој некаде надвор од татковината. Пред се, првичната идеја да отидам некаде на страна беше со неколку обиди за мастер студии на некој европски универзитет, но потоа дојде на ред и онаа економска битка, можеби не за опстанок, туку за подобра заработка. Па од таму, се појави идејата за интернационално искуство како аниматор за деца на бродска „cruise-ship” компанија, каде нешто повеќе од две години работев, а во исто време и патував околу светот. На средината околу ова искуство, низ целиот тој процес на искуство, се појавија и љубовни жарови, кои иднината засега ми ја насочија да се преселам во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, каде што и живеам веќе година дена, вели Иван.
Игор е заминат од Македонија нај одамна. Уште пред 19 години. Тој денес живее во соседна Бугарија. Интересно е што и за него студиите пресудиле каде ќе живее.
Одлуката да ја напуштам Македонија и да заминам во Бугарија беше пред 18 години во 2003 година, најнапред заради студирање. Планирав да се вратам после студиите, ама вселената имала други планови за мене. Моментално сум на крстопат Благоевград – Софија, односно работам во Софија а живеам во Благоевград. Се сеќавам дека одлуката да заминам не беше лесна, сепак на 19 години да си во друга земја не е една од најлесните работи во животот, ама потоа се си дојде на свое место, си ја најдов својата средина и работите станаа полесни, вели Игор.
Трајко денес живее во Литванија, Иван во Аргентина, а Игор во Бугарија. Сите имаат работни позиции кои ги исполнуваат, но ретко кој работи на својата професија, ретко кој работи тоа што го учел во Македонија. Сепак, велат дека се задоволни
Во врска со мојот животен сон, стоматологија, моментално сум во процес на добивање на лиценца за работа, а дипломата ми е признаена и прифатена овде. Единствено нешто на што треба да поработам повеќе е литванскиот јазик. Народот е пријателски настроен и процесот на адаптација ми беше многу пријатен и едноставен, вели Трајко.
Во контекст на работата и заработката, засега не можам да прецизирам конкретно каква е ситуацијата, затоа што и немам постојано работно место, но секако една од пречките е флуентноста на шпанскиот јазик. Од друга страна пак, застапеноста на повеќе различни култури, претежно со примеси од европската култура, во аргентинската метропола со повеќе од 6 милиони жители, го овозможува начинот на различно секојдневие и постојан развој. Во целост, прилично сум задоволен од моменталната ситуација, посебно за лесната достапност со велосипед, јавен превоз, добрата храна и посебниот малбек ( вид на вино, кое што егзистира само тука). Од целото ова, единствено што недостасува и би сакал да го имам како дел од секојдневието е секако фамилијата која што е во Македонија, пријатели и роднини, но да бидам искрен, не чувствувам носталгичност кон Штип и Македонија, потенцира Иван.
Работам повеќе работи и факт е дека лесно нема никаде, едноставно ако сте добри во тоа што го правите и сте отворени за нови предизвици, тогаш ќе се надградувате. Во мојата професија нема граница и само од мене зависи до кое скалило на успех ќе се искачам. Јас го уживам моментот во градот, државата и светот како место во кое живеам творам и имам доста пријатели и позитивни вибрации, па затоа и никогаш не правам планови, затоа што кога се кројат планови, од горе ти се смеат и никогаш, ама баш никогаш не се онакви како што сакаме, е коментарот на Игор.
Сите тројца наши соговорници ја сакаат својата земја, на секој нешто му недостасува, но речиси сите се разочарале од нешто.
Во врска со враќањето во Македонија… немам никакви амбиции, ниту пак желба да се вратам назад. Не гледам никаква светла точка на крајот од тунелот наречен Северна Македонија, решителен е Трајко.
Иван не знае дали нешто воопшто може да го врати назад…
Не можам конкретно да ви пренесам што би можело да ме врати во Македонија, затоа што веќе и економската ситуацијата на државата и не е најважното нешто поради што многу млади да заминат од дома. Ограниченоста, неажурноста на институции, недостапноста и многу системски грешки во Македонија, за мене се причини поради кои заборавам на тоа место се повеќе и повеќе.
Артистот Игор има посебни емоции за Македонија, но вели дека има шанси…
Македонија ми е во срцето и јас секогаш имам посебни чувства и емоции за оваа наша држава, како за неа така и за мојот роден град Виница. Нема да кажам што би ме натерано да се вратам назад, ќе оставам вселената да одлучи каде треба да бидам и што е најдобро за мене.“
Очигледно е дека одлуката за заминување не била едноставна и лесна за донесување, ама реалната слика е дека се поголем дел млади и талентирани личности си го наоѓаат подоброто утре во некоја друга држава која нуди подобра сегашност и иднина. Да се надеваме дека родната земја ќе им понуди причина на младите да се вратат или да не заминат.