

Автори: Јована Конеска и Ирена Жежова
Иако сметаме дека имаме пристап до различни видови на контрацепција, сепак во нашата земја има голем број на случаи на несакана тинејџерска бременост и појава на заболени од сексуално преносливи инфекции. За она колку СПИ се присутни во Република Северна Македонија, Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА-Асоцијација за здравствена едукација и истражување посочува дека:
“За оваа година, во период од јануари до јули, нема регистрирани случаи на гонореја, но има 2 регистрирани случаи на сифилис, 9 за кламидија,5 за хептитис Б и 1 случај на хепатитис Ц. За жал, бројките кај нас не ја отсликуваат реалната слика и состојба за бројот, процентот на сексуално преносливи инфекции. Треба да сме свесни дека тие постојат, дека треба да се користи заштита при сексуален однос бидејќи секој незаштитен сексуален однос е потенцијален ризик за пренос на СПИ, вклучително и на ХИВ. Свеста дека треба да се грижиме за сопственото здравје, што подразбира и тестирање за ХИВ и СПИ, сѐ уште е на многу ниско ниво во нашата земја, па дури и табу. Затоа ХЕРА постојано апелира дека треба да се заштитиме, дека треба редовно да се тестираме, а младинските центри на ХЕРА „Сакам да знам“, кои се наоѓаат на Водно и во Шуто Оризари, се места каде што ваквите здравствени услуги може да се добијат бесплатно и доверливо.”

Весна Матевска (ХЕРА)
Па оттука се поставува и прашањето- Дали употребата на контрацепција во Македонија е сѐ уште табу тема или пак станува збор за недоволна едукација?
“Употребата на контрацепција во земјава е ниска: само 14% од жените (или нивните партнери) кои се во брак или заедница, користат модерни методи на контрацепција (од кои 1,1% користат орална контрацепција, а 1.4% користат интраутерина влошка, 10% машки кондом, 1,4% женска стерилизација), додека од жените кои не се во брак или во заедница, 21 % користат некаков вид на модерна контрацепција. (Извор: МИКС, 2018).Инаку кај нас може да се најдат и да се купат само кондоми, комбинирани таблети за контрацепција, итна контрацепција и спирала. Бесплатна контрацепција и советување за контрацепцијата како начин на семејно планирање исто така може да се добие во младинските центри на ХЕРА.”
Поради незадоволителниот процент на употреба на контрацепција, се повикавме на примерот од Франција, каде од неодамна беше овозможена бесплатна контрацепција. Ставот на ХЕРА во врска со ова прашање беше:
“Во Акцискиот план за имплементација на Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје како мерка се заложивме да има бесплатна дистрибуција на современи контрацептивни средства за ранливи групи преку државната институција и тоа, за адолесценти (15-24 години), за жени со низок социјален економски статус, за жени од рурални средини, за Роми, за жени кои примаат социјална помош и за жени со репетитивни абортуси или индуциран абортус. Како организација сметаме дека контрацепцијата за некои девојки и жени е потреба која не може да ја реализираат доколку истата не е обезбедна на ваков начин. Апсолутно сме за тоа контрацепција да се обезбеди преку ФОНДОТ за млади, социјално исклучени лица и девојки и жени од рурални средини за да биде што подостапна за сите кои сакаат да ја користат.”
Освен залагањата за овозможување бесплатна контрацепција, клучна улога игра и правилната едукацијата уште од мали нозе.
“Семејството е примарно место во кое неформално започнува процесот на информирање и едукација. Како надополнување на семејната едукација и/или во нејзино отсуство, сеопфатното сексуално образование, но и информирањето на младите преку младински пријателски центри е нешто кое според мене е соодветно и согласно. Бидејќи нема формален начин на изведување на ваквите едукации, тие се изведуваат неформално преку здруженија на граѓани, се спроведуваат едукации и советувања, но ова не е доволно. Токму затоа е значајно да имаме сеопфатно сексуално образование преку кое ќе се зголеми едукацијата и информираноста на младите за овие теми, соодветно на нивната возраст.”

Како резултат на намалената употреба на контрацепција и недоволната едукација, сѐ почеста е појавата и на несакана бременост кај девојчиња на возраст од 15-19 години.
“Според податоците на Заводот за здравствена заштита на мајките и децата, во текот на 2020 година регистрирани се вкупно 19 живородени од мајки под 15 години, 917 живородени од мајки на возраст од 15 до 19 години и 9 мртвородени од мајки на возраст од 15 до 19 години. Стапката на бременост на девојки на возраст од 15 до 19 години– адолесцентна или тинејџерска бременост во 2020 година изнесува 18,9 на 1000 девојки на истатa возраст. Изразено во проценти како дел од вкупните раѓања, во земјава, во 2020 година се регистрирани 4,9% на породувања од мајки до 19-годишна возраст .”
За жал, во некои места и средини и ден-денес постојат стереотипи за сексуалното и репродуктивното здравје, за посетата кај гинеколог и сексуално преносливите инфекции. И тоа ќе биде така сѐ додека отсуствува едукација за сексуалното и репродуктивното здравје.