ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
28.09.2026
Контрацепција во Македонија – најчесто со традиционални методи
Автор: Goce Author

Употребата на современа контрацепција во Македонија останува релативно ниска а бројот на новородени деца продолжува да се намалува. Податоците покажуваат дека, покрај начинот на кој паровите ја спречуваат бременоста, врз демографската слика сè поголемо влијание имаат одложувањето на родителството, иселувањето и намалувањето на бројот на млади луѓе.

Според последното национално истражување MICS 2018–2019 на УНИЦЕФ, само 14 отсто од жените на возраст од 15 до 49 години кои се во брак или заедница во Македонија користат современ метод на контрацепција, самите или преку партнерот. Најзастапен е прекинатиот сексуален однос, односно „пазењето“, на кој се потпираат 43,9 отсто од паровите.

Вкупно 59,9 отсто користеле некаков метод, но структурата покажува значително потпирање на традиционалните методи. Кондом користеле 10 отсто, спирала 1,4 отсто, таблети 1,1 отсто, додека 40,1 отсто не користеле никаков метод.

Во светот, пак, употребата на современа контрацепција е значително поголема. Според најновиот извештај на ОН, во 2026 година 77,2 отсто од жените во репродуктивна возраст кои сакаат да избегнат бременост ја задоволуваат таа потреба со современ метод. Бројот на жени или нивни партнери кои користат современа контрацепција достигнал повеќе од 886 милиони, наспроти околу 552 милиони во 1994 година.

Контрацепција во Македонија се користи помалку отколку во светот

Меѓу современите методи се вбројуваат таблетите, спиралата, имплантите, инјекциите, стерилизацијата, машкиот и женскиот кондом и итната контрацепција. Прекинатиот однос и календарскиот метод се сметаат за традиционални.

Практикувањето на контрацепција во Македонија се уште табу тема

Разликите меѓу методите се значителни. Според американскиот CDC, при вообичаена употреба во период од една година забременуваат околу 13 од 100 жени чии партнери користат кондом и околу седум од 100 кориснички на таблети. Кај спиралите стапката на неуспех е околу 0,1 до 0,8 отсто, зависно од видот, додека кај имплантот е околу 0,1 отсто.

Сепак, поголемата ефикасност во спречувањето бременост не значи дека еден метод е најсоодветен за секого. Изборот зависи од здравствената состојба, возраста, можните несакани ефекти, практичноста и ризикот од сексуално преносливи инфекции.

Кондомот има дополнителна улога бидејќи е единствениот контрацептивен метод кој истовремено штити од несакана бременост и од повеќето сексуално преносливи инфекции, вклучително и ХИВ. Според Светската здравствена организација, при правилна употреба обезбедува околу 98 отсто заштита од несакана бременост, додека во реалниот живот ефикасноста е околу 87 отсто.

Демографската слика не може да се објасни само преку употребата на контрацепција

Прекинатиот сексуален однос, кој е широко застапен во Македонија, нема директни здравствени ризици и не чини ништо, но е значително понесигурен. Според податоците што ги користи СЗО, при вообичаена употреба се јавуваат околу 20 бремености на 100 жени годишно, а при целосно правилна употреба околу четири. Методот не обезбедува заштита од сексуално преносливи инфекции.

Фото: worldometrics

И покрај релативно ниската употреба на современа контрацепција, Македонија истовремено бележи сериозен пад на бројот на раѓања. Во 2025 година биле родени 15.850 деца, наспроти 16.061 во 2024 и 16.737 во 2023 година. Во истата година починале 20.287 лица, со што природниот прираст бил негативен за 4.437 жители.

Податоците за абортусите исто така не покажуваат нивно зголемување како причина за падот на бројот на раѓања. Институтот за јавно здравје регистрирал 4.983 абортуси во 2013 година, 3.784 во 2019, 3.168 во 2021, 2.602 во 2022, 2.207 во 2023 и 2.151 во 2024 година.

Кај жените помлади од 20 години, бројот на абортуси се намалил од 237 во 2013 на 51 во 2024 година.

Демографската слика затоа не може да се објасни само преку употребата на контрацепција. На бројот на раѓања влијаат и намалувањето на бројот на млади луѓе, подоцнежното формирање семејство, помалиот број деца во семејствата и иселувањето.

80% млади сакаат две или три деца, но во пракса тоа не се остварува

Според УНФПА, населението меѓу пописите од 2002 и 2021 година се намалило за 9,1 отсто, под влијание на иселувањето и падот на фертилитетот. Стапката на фертилитет од околу 2,1 дете по жена во 1994 година се намалила на околу 1,5 во 2023 година.

Висока стапка на тинејџерска бременост во Македонија

Истовремено, регионално истражување на УНФПА покажува дека повеќе од 80 отсто од анкетираните млади во Македонија посакуваат две или три деца. Сепак, економската несигурност, проблемите со домувањето и подоцнежното осамостојување влијаат врз одложувањето на формирањето семејство.

Одложувањето се гледа и преку просечната возраст на мајките. Во 2025 година просечната возраст на мајката при раѓање достигнала 29,8 години, додека при раѓањето на првото дете изнесувала 28,2 години.

Демографскиот проблем во Македонија не може да се сведе само на прашањето дали паровите користат контрацепција. Сликата е многу поширока и ги опфаќа возраста на која се формира семејство, економските услови, иселувањето, бројот на посакувани деца и одлуката кога да се стане родител.

Продолжен рокот за аплицирање за студентските домови
Објавени резултатите за сместување во студентските домови