
20 години од назначувањето на Тоше Проески за најмлад амбасадор на УНИЦЕФ ќе бидат одбележани и во Штип, на иницијатива на новинарката и водителка Надица Стојковска.

-Станува збор за караван под мотото „Тоше за овој свет“, бидејќи се одбележуваат 20 години од како Тоше е назначен за најмлад амбасадор на УНИЦЕФ. Спомен куќата „Тодор Проески“ овие активности ги започна со изложување на неговата облека на емисијата Вртелешка, со репликата на костимот со кој настапи на Евровизија, како и со неговата омилена бела гитара, која исто така и штипјани ќе ја видат овде во Штип. Ваков настан, на кој ќе бидат изложени музејските поставки од Спомен куќата на Тоше Проески се случува за првпат во Штип, но Тоше секако е поврзан со Штип – тој ја започна својата кариера на Макфест, со „Морска Ѕвезда“ и „Пушти ме“.
На настанот, покрај изложување на предмети, облека, инструменти на Тоше, ќе има и настап на „Дуо Брајт“ а рецитал ќе одржи книжевно креативниот центар при Академија Еуроарт – изјави Надица Стојковска.
Настанот ќе се случува во Фоајето на Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, во сабота, 23 септември во 11 часот.