
Алпинистичкиот клуб „Астрајон“ од Штип беше дел од национална обука за планинско спасување, која се одржа во Влесетово од 27 до 29 јуни.
Оваа обука беше организирана од страна на Националниот Сојуз за Планинско Спасување. Обуката собра повеќе од 30 спасители од клубови-членки од целата држава.

Обуката беше насочена кон унапредување на знаењата и практичните вештини на учесниците, со посебен фокус на:
Имобилизација и транспорт на повредени лица на различни терени;
Работа со специјализирана опрема и носилки;
Комуникација преку радиоврски и спасувачка координација;
Планирање и изведба на спасителни операции во реални услови.
Сите содржини беа спроведени согласно најновите препораки на ICAR –Меѓународната комисија за алпско спасување, водечка институција на глобално ниво кога станува збор за безбедност и спасување во планински средини.

Националниот Сојуз за Планинско Спасување постојано ги следи и имплементира сите европски и светски стандарди и трендови, кстакнуваат од „Астрајон“. Со тоа на своите членки им овозможува да изградат капацитети за ефикасна и навремена интервенција во планински услови. Благодарение на ваквите обуки, Сојузот и сите негови членки се подготвени да реагираат брзо и стручно во ситуации каде што човечки животи зависат од секунда и тимска прецизност.
Од АК Астрајон – Штип велат дека ја продолжуваат својата мисија за унапредување на алпинизмот, спасителните активности и безбедноста на планините.