ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
13.02.2026
Мојот Став: Колку е “високо” високото образование во Македонија?

Јас сум Даница, а ова е мојот став: 

Во Македонија високото образование последниве денови се мери. Се мери со нов закон, со нови бодови, со нови критериуми, со нови табели. Се мери толку многу што човек би помислил дека конечно сме ја нашле формулата за квалитет.
Само што никој не знае каде е метарот.

Колку сантиметри тежи еден професор?

Колку милиметри вреди еден труд?

Колку килограми има импакт-факторот?



Ако ги читате документите, ќе помислите дека знаењето е нешто што се става на вага:
шест или седум трудови, одреден број бодови, индексираност, реизбор на секои седум години.
Формула плус формула плус формула – и ете ти квалитет.

Арно ама, Универзитетот не е фабрика за шајки.

Да, има професори кои што со години се кријат зад стара слава и пожолтени скрипти.
Да, системот мора да се чисти од инерција и мрзеливост.

Но, ако единствената мерка за академска вредност стане бројот на PDF-фајлови прикачени во некоја база, тогаш ќе произведеме шампиони во објавување – и аматери во предавање.

Нова стратегија за образование 2026–2032: Што навистина се менува за учениците и студентите?

И тука е суштината.

Може професор да има десет трудови во меѓународни списанија, а на предавање да звучи како да чита упатство за бела техника.
Може да има блескаво CV, а ниту еден студент да не му запамети реченица.

А може и обратното, некој со помалку бодови да разбуди интерес и љубопитност кај генерации.

Кој систем го мери тоа?

Новиот закон сака да донесе ред. Редот е добар, ред ни треба.
Но ред без љубов и желба станува администрација.
А, администрацијата знае да прави табели, но, не и инспирација.

Високото образование не е високо затоа што има дебели папки во архивата

Прашувајте се едно: што всушност сакаме да измериме?
>Ако сакаме рангирање, ќе добиеме рангирање.
>Ако сакаме извештаи, ќе добиеме извештаи.
>Ако сакаме европски стандарди на хартија, ќе ги добиеме.

Но, ако сакаме млади луѓе што знаат да мислат, да сомневаат, да создаваат…тоа не се мери со шублер.

Високото образование не е високо затоа што има дебели папки во архивата

Високо е затоа што те тера да погледнеш повисоко од себе, да размислуваш подлабоко од насловот, да поставуваш прашања што никој не сака да ги чуе.

Во моментов изгледа како да сме решиле да ја измериме висината на планината според дебелината на папката во архивата.

Странски експерти ќе ги „проверуваат“ нашите факултети: што значи тоа за тебе?

Реформата можеби ќе донесе квалитет. Можеби ќе исфрли инертност. Можеби ќе создаде конкуренција.

Но, ако внимаваме само на бројките, ќе почнеме да произведуваме научници што пишуваат за да преживеат – наместо професори што предаваат за да создадат.

А знаењето?
Тоа и понатаму нема да има мерна единица.

И можеби е добро што е така.
Зашто ако некогаш почнеме да го мериме во сантиметри, ќе значи дека сме го намалиле.

Кочани ќе одбележи една година од големата трагедија
Студирање и работење – секојдневие за студентите