ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
22.01.2026
Нова стратегија за образование 2026–2032: Што навистина се менува за учениците и студентите?
Автор: Goce Author

Новата Стратегија за образование 2026–2032 има за цел да создаде поквалитетен и поинклузивен национален образовен систем, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска на јавна дебата одржана на Филозофскиот факултет во Скопје.

Според Јаневска, документот носи неколку клучни промени кои директно ќе влијаат врз учениците, наставниците и студентите. Фокусот е ставен на развој на нова програма за предучилишно образование, поголема инклузија во основното и средното образование, како и нови формули за финансирање на училиштата, со цел поправедна распределба на средствата.

ФОТО: МОН

Едносменска настава и нова матура

Меѓу поважните најавени реформи се и подобрување на училишната инфраструктура, оптимизација на училишната мрежа и постепено воведување на едносменска работа – тема која со години е барање на ученици и родители.

Стратегијата предвидува и нов концепт на државната матура, кој треба повеќе да ги мери реалните знаења и вештини, а не само меморирање на факти. Дополнително, се најавува и развој и промоција на неформалното образование, како начин младите да стекнат практични вештини надвор од класичната училница.

Промени и во високото образование

Во делот на универзитетите и науката, документот најавува нова законска регулатива, со цел подобрување на квалитетот на студиите, истражувачката работа и поврзаноста со пазарот на труд.

„Имплементацијата на оваа стратегија ќе обезбеди поквалитетен национален образовен систем“, истакна Јаневска, нагласувајќи дека реформите се долгорочни и ќе бараат континуирана политичка и институционална поддршка.

Кој учествуваше во креирањето?

Нацрт-верзијата на Стратегијата е изработена преку широк консултативен процес, со учество на Делегацијата на ЕУ, УНИЦЕФ, Светска банка, ГИЗ, УНДП, како и домашни институции како Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар, универзитетски професори и граѓански организации.

По нејзиното објавување на ЕНЕР системот и вградувањето на дел од пристигнатите сугестии од јавноста, се очекува Стратегијата да биде официјално усвоена до крајот на јануари.

Демографски пад се отсликува во образовниот систем
Проект на МОН против врсничкото насилство