
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Пред некој ден беше светски ден на среќата. Ден кога, барем според календарот, треба да бидеме среќни. Ако не сте, не грижете се, ќе ви објаснат дека проблемот е во вас.
Ајде да се веселиме.
Да зборуваме за убави работи. На пример, колку е убаво кога цените растат, а платите континуирано стојат. Или колку е прекрасно чувството да чекаш ред, па да дознаеш дека треба уште еден документ, од некоја канцеларија што работи само од 10:15 до 10:45 и тоа само во понеделник. А, ако стигнеш до шалтер, честитки. Системот те препозна како “важен”.

Ама ајде да не се замараме со ситници. Кој има време за реалност кога имаме оптимизам? Среќата, нели, е избор. Избираш да не гледаш, избираш да не прашуваш, избираш да веруваш дека утре ќе биде подобро исто како вчера.
Да се веселиме и кога младите си заминуваат, затоа што, ете, светот е отворен. Не дека бегаат, туку ‘бараат подобри можности’. Убаво звучи, нели? Малку поубав израз и веднаш тагата станува тренд.
И кога ќе се врати некој, го прашуваме: „Како е таму?“
Наместо да прашаме: „Зошто не остана овде?“
Ајде да зборуваме за убави работи.
За новите ветувања, старите изговори и вечната надеж дека „само уште малку“ треба да издржиме. Малку по малку, станавме народ што живее во „само уште малку“.
Среќата, велат, е во малите нешта. Во кафето наутро, во разговорот со пријател, во сончев ден. И таман ќе поверуваш во тоа, ќе ти стигне сметка што те враќа во реалноста побрзо од било која надеж.
И не е проблем што сметката е висока.
Проблем е што веќе не те ни изненадува.
Но не, не смееме да бидеме цинични. Тоа не е убаво. Треба да се смееме, да споделуваме позитивни мисли, да ставаме филтри на животот, исто како на слика. Малку светлина, малку контраст, и одеднаш сè изгледа подобро.
Ајде да се веселиме.
Не затоа што навистина имаме причина, туку затоа што така е полесно. Полесно е да се насмевнеш отколку да поставиш прашање. Полесно е да кажеш „ќе биде“ отколку „зошто не е“.
И можеби, во целата таа иронија, има една вистина: луѓето навистина сакаат да бидат среќни. Само што среќата не доаѓа од тоа да не зборуваме за проблемите, туку од тоа да почнеме да ги решаваме.
До тогаш, ајде да се веселиме.