ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
31.03.2026
(Аудио) Мојот Став: “Феноменот” на крадење во Македонија

Јас сум Даница, а ова е мојот став:

Крадење во Македонија не е нешто ново, ама сепак е феномен.
Од толку академски граѓани, доктори на науки, магистри, среќни бракови, воспитани деца, чудно е како сме дошле до состојба да си дозволиме да се краде од роденденска забава на мајмунче од зоолошка.


Слушај ја целата колумна и со заклучен телефон:


Можеби обичниот народ си добил инспирација од митото и корупцијата кои се спроведуваат над жителите на Македонија, и притоа се третирани како мајмуни, па токму затоа, некои поединци решиле да почнат да крадат од вистински мајмуни.

И баш кога ќе помислиме дека сме го допреле дното, некој ќе земе лопата, за секој случај, да провери дали има уште подолу и ќе сфатиме дека кај нас дното не е фиксна категорија, туку подвижна. Секогаш има уште еден кат подолу.

Не е проблемот што некој украл. Тоа веќе не е ни вест. Вест би било некој да врати нешто. Да најде паричник и да го врати без да се слика за на Фејсбук, е тоа веќе би бил наслов.

Ама ние сме си практични луѓе. Ако може да се земе, ќе се земе. Ако не може, ќе се најде начин да може. И таман тука некаде, помеѓу „снаоѓање“ и „крадење“, сме ја изгубиле линијата. Или ја избришавме намерно, за да не нѐ боли кога ќе ја преминеме.

Сите знаеме некој што „малку“ краде. И сите знаеме некој што „многу“ краде. Разликата е само во тоа што за едните велиме „снаодлив е“, а за другите „лопов е“. Ама суштината е иста, само скалата е различна.

И најјако од сè е што пак ќе седнеме на кафе и ќе се жалиме како ништо не чини. Ќе ги пцуеме тие „горе“, како да не сме дел од истата приказна. Како да не почнува сè од истото место, од она малото „ајде бе, нема врска“.

На крај, мајмунот од зоолошка испаѓа најчесниот лик во приказнава. Барем тој не се преправа дека е нешто што не е. Не носи титули, не пишува статуси за морал и вредности, не се фали со дипломи додека со другата рака си полни џеб, а сепак остана без подароци.

А ние? Ние сме народ што се гордее со чесност ама во теорија. Во пракса, чесноста ни е како стар мебел: сите велат дека ја сакаат, ама ретко кој ја чува дома.

Можеби затоа и не е чудно што крадењето станало феномен. Не затоа што е ретко, туку затоа што станало нормално. А кога ненормалното ќе стане нормално, тогаш веќе не зборуваме за феномен, туку за навика.

И таман кога ќе се навикнеме на тоа, ќе сфатиме дека најголемата кражба не е ни паричникот, ни телефонот, ни бананите од мајмунот.

Најголемата кражба е што полека ни се украде чувството за срам.

 

(Аудио) Мојот Став: Тешкотијата да се искаже сопствен став
(Аудио) Мојот Став: Ајде да се веселиме