ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
27.04.2026
(Аудио) Мојот Став: Образование без редослед

Јас сум Даница, а ова е мојот став: 

Понекогаш навистина доаѓа момент кога човек се прашува дали живееме во некаква симулација, или едноставно сме земја што упорно се убедува дека е „на чекор до Европа“, додека реалноста ни се распаѓа во мали, секојдневни апсурди што веќе никого не изненадуваат.


Слушај ја целата колумна и со заклучен телефон:


Изминатава недела дознавме дека во Македонија можеш да се запишеш на магистерски или докторски студии и без да ги исполнуваш сите услови.
Самата информација звучи како нешто што би требало да биде невозможно во систем кој функционира барем на основно ниво, но кај нас, очигледно, е сосема возможно.

Во секој нормален редослед, постојат чекори што не можеш да ги прескокнеш. На пример, не можеш да бидеш возрасен ако претходно не си бил дете, освен ако, се разбира, некој не одлучи дека редоследот е само препорака.

И токму тоа се случува кај нас. Додека некој се обидува да игра според правила што мисли дека важат, друг веќе платил за да ги заобиколи. Некој запишал студии, слушал предавања, полагал испити со уверување дека оди напред, за подоцна да дознае дека целиот тој напредок бил илузија, и тоа не поради негова грешка, туку затоа што некој друг одлучил да не си ја работи работата.

Факултетот реагираше и ги поништи запишувањата, што формално, тоа изгледа како решение, но суштински, тоа е само потврда дека системот функционира наопаку: прво се прави грешката, па потоа се проверува дали воопшто требало да се направи. Мислам дека ние сме доказ дека правилата се тука за да не се почитуваат.

И тука приказната престанува да биде за неколку студенти. Станува приказна за систем што дозволува вакви ситуации да се третираат како административен пропуст, а не како нешто што директно уништува нечии години, труд и пари.

Она што, сепак, најмногу загрижува не е самата ситуација, туку отсуството на вистинска реакција на неа, бидејќи наместо изненадување или сериозна јавна дебата, добиваме само кратко негодување што брзо се губи, како ова да е нешто што веќе сме го прифатиле како дел од правилата на игра.

Проблемот не е само во тоа што се случило, туку во тоа што ваквите ситуации поминуваат без вистинска последица за оние што ги дозволиле, додека товарот целосно паѓа врз оние што верувале дека правилата имаат некакво значење.

Оттука, прашањето повеќе не е како дошло до ова, туку зошто воопшто продолжуваме да се однесуваме како да постои систем што нè штити од вакви апсурди, кога искуството постојано ни го покажува спротивното.

Ако образованието треба да биде темел, тогаш барем би требало да постои сигурност дека тој темел е проверен пред некој да почне да гради врз него, а не да се утврдува неговата стабилност дури откако конструкцијата веќе почнала да се распаѓа.

(Аудио) Мојот Став: Тешкотијата да се искаже сопствен став
(Аудио) Мојот Став: “Феноменот” на крадење во Македонија