„Бистри умови“ и годинава е дел од организација на камп за млади информатичари, како дел од подготовки за учество на Олимпијади по информатика.
12 најдобри млади информатичари поделени во неколку групи заеднички се подготвуваа за да ја претстават нашата држава на Меѓународните олимпијади по информатика.
Еднонеделниот камп е целосно бесплатен, а се одржа од 1 до 8 јули во Хотел Магнолија на Пониква во Кочани. Истиот свечено беше отворен од страна на Градоначалникот на Општина Кочани од кој веќе две години добиваат делумна финансиска поддршка.
„На овогодишниот камп посебно беше тоа што Претседателката на Македонија, Гордана Силјановска – Давкова ја даде својата поддршка на учениците, им се обрати писмено и им посака успех. Ова ги мотивираше најмладите информатичари и им даде желба и идеја да создадат своја химна, односно химна за Европската Олимпијада. Истата е направенa со помош на вештачка интелигенција.“, изјави Анита Атанасова – Грчев, претседателка на БИСТРИ УМОВИ.
На кампот освен натпреварувачите учествуваа и професори од Факултетот за информатички и компјутерски науки – ФИНКИ. Учествуиваше и проф. д-р Миле Јованов, претседател на Здружението на Информатичари на Македонија. Тоа се и верни поддржувачи и соработници во организацијата на кампот.
БИСТРИ УМОВИ го одбележаа своето едногодишно постоење токму за време на кампот. Тие веќе ги мотивираат младите информатичари со: финансиска помош за патни трошоци за Меѓународните олимпијади по информатика, донација лаптоп на најдобрите 6 јуниори по информатика, бесплатни курсеви по математика и информатика кои ги посетуваа околу 400 ученици на ниво на државата, а станаа дел и од организацијата на Јуниорската балканска олимпијада.
Во периодот што следи, БИСТРИ УМОВИ ќе се посвети на помош при организацијата на Балканската олимпијада по информатика која ќе се одржи во месец октомври во соработка со Здружението на Информатичари на Македонија.
Кирил Барбареев:” Немаме систем за рано откривање на надарените и талентирани ученици”
Особен акцент во иднина ќе се стави на бесплатните курсеви за ученици од цела Македонија. Тие ќе продолжат да се одвиваат и следната учебна година, како и летните бесплатни кампови.
Ваквите здруженија се од голема полза во општеството особено кога државата некогаш многу ретко ги детектира младите генијалци кои живеат меѓу нас и редат успеси.