ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
02.12.2021
Божидар Божиновски: Ако бидете гласни можеби ќе имате притисок, но животот во молк ќе ве убие

Божидар Божиновски за ГОЦЕ.МК зборува за слободата на говор и за животот во молк. Ние денес, виртуелното кафе го пиеме со неповторливиот Моџо Килингтон. Верувам дека барем еднаш во својот живот сте слушнале за оваа личност или пак сте прочитале некој негов статус на социјалните мрежи кој што несомнено ве насмеал, па ајде да го запознаеме подобро кој е Божидар Божиновски.

Денеска е промоцијата на вашата нова книга „Уништување.“ Познат сте како автор на книги со силно чувства. Дали и во оваа книга да го очекуваме истото?

– Се разбира, колку е постигната целта не би можел да кажам, тоа треба да заклучот читателите. Инспирација е вечната потрага по себе, расчекорот меѓу желбите и реалноста, желбите и желбата твоите желби да не повредат други. Во книгата се испитува оваа граница на топење кога човек е соочен со минливоста и стравот дека нема време. Дали да направи сѐ што сака или сѐ што сакаат неговите блиски, општеството и шемите на примерно однесување кои ги налага граѓанскиот морал.

Како автор на книгите секогаш е потпишан Моџо Килигтон. Зошто? Има ли разлика од Моџо до Божидар?

– Моџо нема лична карта и кредити, му завидувам некогаш 🙂 Псевдонимите се нормални во дигитално време, а и помагаат да се измислиш од ново, некој вид алтерего. Ниту во литературата не се непознати псевдонимите. А и подобро звучи Моџо од Божидар, во секој случај.

Покрај тоа што сте писател, вие сте и сценарист. За „Фчерашни новости“ ве викнаа од дома. Што се случи со овој проект, зошто прекина и дали постои можност да продолжи да се емитува?

– Се случи живот најверојатно. Убаво беше додека траеше, но сите убави работи мора да завршат. На крајот веќе сите бевме исцрпени, уморни од пет години создавање и ни требаше прекин. Се надевам дека некогаш ќе се вратиме со можеби нешто јубилејно или нешто посебно, иако веќе сме сите дисперзирани во други работи.

Исто така сте дел и од креирањето на најактуелната македонска серија „Преспав.“ Кажете ни повеќе околу вашето искуство таму.

-Искуството е освежувачко, нов тим и многу за учење за мене, затоа што од политички науки е поинаку да пливаш во сценаристички води. Големо е задоволството да се работи со имињата кои ја движат теливизиската и филмската продукција во Македонија и ми е чест што можам да сум бар мал дел од тој мозаик.

На социјалните мрежи ве познаваме како човек „без пардон“.  Човек што секогаш има да го каже она што реално го мисли. Често коментирате политички случувања. Дали сте имале притисок на било каков начин?

Засега не, 120 со 80, ко на бебе на дијазепами. Имало спорадични закани, ама нешто сериозно засега не, од никоја страна. Можеби затоа што не зависам од државата и не сум дел од тој систем.

Кој политичар ви е „муза“ за пишување на интересни статуси и зошто?

-Секогаш е власта и секогаш оние кои, по кое мислење, кое не мора да е точно, грешат. Претходно беше Груевски и неговата свита, Заев и неговите, па со оставката ќе видиме кој ќе дојде. Се надевам некој што конечно нема да прави многу глупости и ќе не доведе во мирни води каде што ќе правиме муабет за книги, храна, вежбање, боја на завеси или што и да ги интересира луѓето во земјите во кои животот не е сведен на преживување.

Младите се често разочарани од тековната ситуација во државата. Што би им препорачале вие? Дали јавното мислење на луѓето преточено во коментирање на социјалните мрежи би можело некако да ја смени ситуацијата во која се наоѓаме?

На младите би им препорачал да мезат пред да пијат и еден активен јаглен пред легнување, да се ко нови нареден ден. И поважното, да се гласни во она што им недостасува во општеството, во образованието, во животот. Може вашиот глас некогаш ќе ви биде наплатен со омраза, со механизмите за притисок на која и да е власт, може ќе ве воведе во проблеми. Но, животот во молк ќе ве убие, ќе бидете млади и мртви, статистика на митинзи, гласачко ливче кое се надева да биде вработено во државно. Не си го придавајте животот за кусур кој некој локален партиски шеф ќе ви го фрли. Можете подобро.

Социјалните мрежи не можат да ја сменат целосно состојбата, но се добро место од каде почнале многу промени. Тие се место на кое полесно се откриваат и побрзо стигаат информациите, некои информации кои медиумите намерно или не би ги запоставиле, од тука почнуваат акции, протест и многу важно се место каде што може да се помогне на други со донирање и да се смени нечиј живот. Имаат важна улога, но не пресудна. Да не им беа важни на властите и партиите немаше да плаќаат ботови и да имаат фарми на ботови кои видовме дека и во случајот на Груевски и во случајот на Заев ќе им се удираат од глава затоа што човек не би сакал да е во иста држава со нив, не па да гласа за она што тие го застапуваат.


Дороти Пачкова: Ако ти се гади во стомакот кога сведочиш на неправда, тогаш си феминист/ка!


Што следно да очекуваме од Божидар, а што од Моџо?

-Исто па исто веројатно, работам без план и што ќе донесе иднината тоа ќе биде. Може и јас ќе се изненадам, ама се сомневам дека ќе е нешто толку добро. Книга, досадување на Фејсбук, книга, малку на ТВ, уште некоја книга и поминал животот.

Искреноста секогаш добро поминува кај Божидар, автор на повеќе книги, љубител на пишаниот збор и човек кој секогаш ќе го напише тоа што го мисли. Тој е добар пример за тоа како не треба да дозволиме да ни ги постави некој правилата на игра во сопствениот живот. Денеска ја промовира својата најнова книга „Уништување“, а се надеваме дека ќе прочитаме уште многу негови дела и афоризми.

Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки
Здравствени политики за сите