
Низ целата држава се одбележува еден од најголемите празници за Македонија. Нашата земја ја има историската среќа на исти ден да се одбележуваат два значајни празници. На 2 Август се одбележува Илинденското востание од 1903 година, а се одбележува и првото заседание на АСНОМ од 1944 година каде всушност за првпат настанува македонската независна држава.
Денеска празникот се одбележува на повеќе места низ државата и со низа настани. Годинава Илинден се одбележува под слоганот „Илинден – нашата сила за иднината“.
Одбележувањето на Денот на Републиката и Илинден на 2 Август ќе започне со настаните во Скопје, каде високите делегации ќе ги предводи и ќе се обрати претседателот Стево Пендаровски.

Прославата започна со делегацијата предводена од претседателот Пендаровски која положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски и на генералот Михајло Апостолски, како и пред споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните, на градските гробишта „Бутел“.
Потоа, делегации пристигнаа на спoменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на Градскиот плоштад.
Дестинација за еднодневен одмор – водопадот на Големата река
Свечената манифестација продолжи со обраќањето на претседателот на државата Стево Пендаровски во вилата на Водно.
Владината делегација во Скопје ја предводи вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити. Дополнително во владината делегација се Христина Оџаклиеска, заменик-министерка за животна средина и просторно планирање, Башким Хасани, заменик-министер за одбрана и Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка.
Претседателот на државата Пендаровски по повод одбележувањето на Илинден – Денот на Републиката, на 2 Август 2022 година, ќе ја предводи и државнo-црковната делегација во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“.
Државната празнична програма, стои во соопштението, продолжува пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, во организација на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.
Во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија – АСНОМ, пред споменикот на АСНОМ е положено цвеќе.
На споменикот на АСНОМ во Меморијалниот центар Пелинце, по повод националниот празник Илинден, владината делегација ќе ја сочинуваат министерот за здравство Беким Сали, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и заменик-министерот за правда Агим Нухиу.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски предводејќи висока владина делегација со државни почести и чествувања го одбележува големиот национален празник Илинден во Крушево.
Уште низа настани се одбележуваат по повод големиот празник. Нека е честит и вечен Илинден.