
Нефролошки преглед е многу значаен, но за жал многу малку луѓе одат превентивно на преглед, поради што болестите на бубрезите остануваат незабележани.
Бубрезите се еден од најважните органи во телото, но за жал, нивните болести често остануваат незабележани сè додека не стане предоцна. По повод Светскиот ден на бубрегот, разговаравме со д-р Катерина Ристоска, нефролог во клиниката Жан Митрев, за најчестите предизвици, ризиците и важноста на навремената превенција.
„Во раниот стадиум на бубрежно заболување, болеста е без симптоми, доаѓа тивко и пациентите воопшто не знаат дека имаат проблем сè додека не се појават знаци како намалено мокрење, отоци, висок крвен притисок, малаксалост или губиток на апетит“, вели д-р Ристоска. Таа нагласува дека голем број пациенти ја откриваат болеста случајно, при рутински лабораториски прегледи.
Еден од најизненадувачките случаи со кои се соочила е пациент на 34-35 години со лошо регулиран крвен притисок, кој без никакви симптоми имал 10 пати повисоки вредности на креатинин од нормалните. Единствено благодарение на рутинската проверка, болеста му била откриена и веднаш започнат дијализен третман.
Преголем внес на протеини може да предизвика здравствени проблеми
Малкумина доаѓаат на нефролошки преглед превентивно. Пациентите најчесто се јавуваат кога веќе имаат покачени вредности на уреа и креатинин или кога состојбата е сериозна. „Важно е да се знае дека никој не е привилегиран – и младите и старите можат да развијат бубрежно заболување. Особено ранливи се лицата со дијабетес, висок крвен притисок, срцева слабост, бубрежни камчиња или наследни бубрежни заболувања“, предупредува д-р Катерина.
Таа советува секој барем еднаш годишно да направи едноставни лабораториски анализи – уреа, креатинин и уринарни протеини, особено ако има фактори на ризик.
За оние кои веќе стигнале до фаза на дијализа, животот станува значително поинаков. Третманот најчесто вклучува хемодијализа три пати неделно, по четири часа, што целосно го менува животниот стил. „Освен физичките предизвици, пациентите се соочуваат и со ограничувања во исхраната, контролирање на внесот на течности, потреба од антикоагулантна терапија и справување со други здравствени компликации“, објаснува докторката. Многумина губат работоспособност, што дополнително ја отежнува нивната состојба.
Бубрежната трансплантација е единствениот начин овие пациенти да добијат нова шанса за нормален живот. „Пациентите со трансплантиран бубрег од жив донор живеат во просек 20-25 години без потреба од дијализа. Оние со бубрег од починат донор 15-20 години“, вели д-р Ристоска. За жал, свеста за донорство во Македонија е на ниско ниво, а неопходно е да се работи на нејзино подигнување.
„Не ги заборавајте вашите бубрези. Навреме направете контрола – едноставен тест на уреа, креатинин и уринарни протеини може да ви го спаси животот“, порачува д-р. Катерина Ристоска.
На Светскиот ден на бубрегот, а и секој ден, важно е да запомниме – бубрежното здравје е клучно за целокупното здравје. Затоа, не чекајте симптоми, проверете дали вашите бубрези се во ред!