ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
26.08.2026
Децата изложени на злоупотреба од непознати, но и од блиски
Автор: Goce Author

Децата во Македонија се изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба, често од непознати, но и од познати лица на социјалните мрежи.

Едно од десет деца (10% од децата) на возраст од 12 до 17 години што користат интернет во  Македонија биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологијата во една година.

Ова го покажува новиот извештај Disrupting harm (Спречување на штетата) во Северна Македонија, во кој се истакнува итната потреба од поцврсти системи за превенција, заштита и поддршка на децата.

Сексуалната експлоатација и злоупотреба на деца со помош на технологија се однесува на ситуации кои вклучуваат дигитални, интернет и комуникациски технологии во која било фаза од злоупотребата или експлоатацијата. Може да се случи целосно преку интернет, преку комбинација од онлајн и лични интеракции или преку злоупотреба во живо што се снима, се дистрибуира или се олеснува со помош на технологија.

Децата изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија имале 11 пати поголеми изгледи за самоповредување и 12 пати поголема веројатност да имаат самоубиствени мисли или однесување во споредба со децата кои не доживеале таква злоупотреба. Интервјуираните стручни лица кои работат со деца опишаа долготрајни последици што опфаќаат срам, губење контрола, нарушувања на сонот, стрес и страв дека материјалот кој прикажува злоупотреба ќе остане на интернет засекогаш.

Дигиталните уреди носат опасност за децата

Децата изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија имале 11 пати поголеми изгледи за самоповредување

„Зад секоја статистика во овој извештај стои дете чија доверба е изгубена, чија безбедност е загрозена и чија благосостојба е нарушена. Она што го чини ова истражување толку важно не е само тоа што за првпат се мери обемот на проблемот, туку и тоа што се бележат гласовите и животните искуства на самите деца и млади“, рече Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ. „Доказите недвосмислено покажуваат дека заштитата на децата во дигиталното доба бара построги закони, подобри услуги, побезбедни онлајн-средини и отворени разговори со децата.“

Речиси половина од погодените деца (48%) доживеале повеќе од една форма на злоупотреба во годината пред да бидат анкетирани. Повеќе од половина од евидентираните инциденти биле поврзани со социјалните медиуми, додека скоро една третина се случиле преку онлајн-игри. Истражувањето, исто така, покажува дека момчињата и девојчињата биле погодени во слична мера, без значајни разлики во однос на полот, возраста, местото на живеење, дигиталните вештини или степенот на образование на родителите.

Спротивно на перцепцијата дека сексуалната експлоатација на интернет првенствено ја вршат непознати лица, истражувањето покажа дека речиси четири од пет деца (78%) биле изложени на злоупотреба од некој што го познавале. Над половина од сторителите биле полнолетни лица (57%).

(Видео) Марина Пешовска: Интернет измамите не демнат секојдневно

Особено често сторители биле поранешни или сегашни интимни партнери или лица кон кои детето чувствувало симпатии (во 39% од случаите), како и членови на семејството, кои биле вмешани во повеќе од една четвртина од случаите (27%). Ова укажува на тоа дека штетата често се случува во дигиталната и физичката средина, и е тесно поврзана со односите на доверба и пошироките општествени норми што го нормализираат насилството и ги стигматизираат жртвите на сексуална злоупотреба.

Технологијата го менува начинот на кој се врши злоупотребата, но законодавството не е во чекор со овие промени

Иако 88% од децата кои биле експлоатирани или злоупотребени раскажале некому за своето искуство, пријавувањето и барањето помош преку формални канали останало исклучително ниско (под 1%). Децата ги навеле срамот, стигмата, несигурноста во врска со процесите на пријавување и недостатокот на доверба во институциите како клучни пречки за барање формална помош.

Извештајот покажува дека иако технологијата го менува начинот на кој се врши злоупотребата, законодавството не секогаш е во чекор со овие промени. Во извештајот се посочуваат неколку правни празнини поради кои децата остануваат ранливи – посебно оние на возраст од 14 до 17 години – и повикува на законски реформи со кои ќе се отстранат овие празнини, ќе се обезбеди одговорност на сторителите и ќе се воспостават подобри и еднакви гаранции за заштита на сите деца..

Преку наодите се нагласува важноста на поцврсти мерки за безбедност на децата на интернет и се повикува на итна акција во секторите заради модернизирање на законодавството, обезбедување пристап до правда, подобрување на системите за пријавување и услугите на заштита. Вклучително и поддршка за менталното здравје и психосоцијална поддршка, поголеми инвестиции во превенција како за децата така и за родителите.

(Видео) Приказни за сајбер насилство раскажани преку „Ало Бушавко“

Извештајот „Disrupting Harm во Северна Македонија“ е реализиран преку соработка меѓу Канцеларијата за стратегија и докази на УНИЦЕФ – Иноченти (Innocenti), ЕКПАТ Интернационал (ECPAT International) и ИНТЕРПОЛ, со средства од Безбедни онлајн (Safe Online) и во соработка со Владата на Северна Македонија.

Blesni – нова македонска платформа го олеснува учењето математика
Колку пари, толку наука: Зошто македонските универзитети се невидливи меѓу најдобрите во светот?