ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
27.10.2026
Денови на медиумска писменост 2026
Автор: Goce Author

Од 26 октомври  до 2 ноември ќе се одржуваат Деновите на медиумска писменост 2026, со активности во седум градови низ земјава. Мотото годинава е „Сите имаме своја улога“, а активностите се насочени кон развивање на критичкото размислување, препознавањето неточни информации и одговорното користење на дигиталните технологии.

Деновите ги организираат Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Мрежата за медиумска писменост (ММП), а Македонија по осми пат се приклучува кон одбележувањето на Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.

Заменик-директорот на АВМУ, Мухамер Беќири, на прес-конференција истакна дека овогодишното мото ја нагласува одговорноста на секој поединец, организација, институција и медиум во справувањето со дезинформациите и создавањето побезбедна дигитална средина.

Целта е граѓаните да станат повешти во препознавањето злонамерни и неточни информации, да научат покорисно да го користат времето пред екраните и да ги препознаваат можностите што ги нуди вештачката интелигенција за подобрување на секојдневниот живот.

На отворањето се обрати и Лучано Скамбјато Личарди, тим-лидер за комуникации и печат во Делегацијата на Европската Унија. Тој ја истакна важноста на медиумската писменост и ја посочи интерактивната игра „Escape Fake“, развиена во Европската Унија со поддршка на програмата „Креативна Европа“.

Медиумска писменост – клучна за критичко мислење и препознавање на манипулативни содржини

Од 26 до 30 октомври, во сите центри на Europe House низ земјава ќе се организираат работилници за средношколци. Тие ќе имаат можност да ја испробаат играта и преку практични активности да ги тестираат своите вештини за критичко размислување и препознавање манипулативни содржини.

85% од младите користат социјални мрежи за вести, но само 20% им веруваат

Во организацијата на Деновите на медиумска писменост 2026, покрај АВМУ, учествуваат и Институтот за комуникациски студии, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите на Македонија, Националниот младински совет на Македонија, „Лице в лице“, Фондацијата „Метаморфозис“ во соработка со партнерската организација „Иновативни медиуми“, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби.

Активностите ќе се реализираат во Скопје, Гостивар, Струмица, Битола, Велес, Струга и Тетово. Во нив ќе бидат вклучени млади луѓе, особено средношколци, наставници, носители на политики и одлуки, припадници на маргинализирани групи, лица со попреченост и нивните родители.

Повеќе информации за програмата се достапни на веб-страницата mediumskapismenost.mk, како и на профилите на Мрежата за медиумска писменост на Фејсбук и Инстаграм.

КАФЕ СО АМБАСАДОРИ ВО ВЕЛЕС: ДИГИТАЛИЗАЦИЈА, САЈБЕР-БЕЗБЕДНОСТ И „ФИМИ”
Студентите пријавуваат доцнење на стипендии, прекинат оброк, лоши услови во домовите