

Фото: studentskiglas.com
Наодите од шестмесечниот период укажуваат на повторливи поплаки за нејасно оценување, недостапност на професори и студентски служби, како и недоволно навремени информации за административните постапки. Како заеднички проблем се издвојуваат недоследностите во практиката и потребата од поголема транспарентност, институционална одговорност и координација.
Поради административни пропусти, студентите остануваат без парите за оброк
Еден од позначајните наведени проблеми е прекинувањето или неодобрувањето на правото на субвенциониран студентски оброк. Во пријавите се наведуваат непотврдени апликации, технички проблеми со системот и случаи во кои студентите морале повторно да аплицираат, иако причината за прекинот не била на нивна страна.
Во презентацијата е посочен случајот со Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Според пријавите, факултетот не доставил навреме податоци до Министерството за образование и наука (МОН), поради што, на поголем број студенти им било прекинато правото на оброк.
Како дополнителен проблем студентите ја посочуваат и висината на субвенцијата. Со законските измени од 2023 година, износот бил зголемен од 120 на 140 денари дневно, со предвидено усогласување со инфлацијата по секоја фискална година, пред донесувањето на буџетот за следната година. Студентите оценуваат дека 140 денари не се доволни за покривање на реалните трошоци за оброк. Затоа, меѓу препораките е редовно усогласување на износот со инфлацијата, како и утврдување јасни рокови за доставување и проверка на податоците, за студентите да не го губат правото поради административни пропусти.
Исплатата на стипендиите, посебно за студентите на втор циклус студии, е уште еден проблем што се повторувал во текот на анализираниот шестмесечен период. Во пријавите од јуни студентите посочувале дека не ги добиле парите за претходните два месеци, а во јули повторно било пријавено доцнење. Според презентацијата, исплатата во наведениот случај била реализирана дури во август. Доцнењето им создавало финансиска неизвесност на студентите што сметале на стипендиите за покривање на трошоците за студирање и живот. Во анализата се нагласува дека, иако не бил утврден општ рок за месечна исплата што би овозможил секое доцнење да се означи како прекршување на законот, потребни се поголема предвидливост и навремено информирање.
Како решение за ова, се предлага МОН да објавува јасен календар за конкурсите, резултатите и исплатите, а студентите навреме да добиваат информации за статусот на нивните барања и за причините за евентуалните доцнења.
Трошоците за превоз се меѓу најзначајните проблеми што ги издвоиле студентите во август и во септември. Така, во септемвриските пријави се наведуваат поскапувања на билетите на повеќе меѓуградски релации, меѓу кои Тетово – Скопје, Куманово – Скопје, Гостивар – Скопје, Охрид – Скопје, Битола – Скопје, Струга – Скопје, Кичево – Скопје и други линии. За студентите што редовно патуваат од местото на живеење до универзитетскиот град, зголемените цени претставуваат дополнителен финансиски товар.
Во исто време, студентите од приватните универзитети побарале да можат да ја користат бесплатната студентска автобуска картичка во Скопје. Според анализата, бесплатниот годишен билет годинава им е достапен на редовните студенти на државните универзитети во Скопје, запишани на прв циклус студии, а студентите од приватните универзитети не се опфатени со мерката.
Прашањето за еднаков пристап до бесплатен превоз беше отворено и претходно. Во 2023 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација упатила препорака до Владата и МОН за системски, одржлив и континуиран пристап до бесплатен јавен превоз за редовните студенти на приватните универзитети.
И Националната стратегија за млади 2023–2027 предвидува намалување на цените на меѓуградскиот автобуски превоз за студентите и средношколците, со целно намалување од 30 проценти во периодот од септември 2023 до мај 2024 година. Сепак, во пријавите од септември студентите укажувале на поскапување на билетите.
Меѓу препораките за ова, е повторно разгледување на финансиската поддршка за студентите што студираат надвор од местото на живеење, како и проширување на пристапот до бесплатен градски превоз.
Во студентските домови студентите пријавувале лоша хигиена, појава на лебарки и глувци, проблеми со топлата вода и прекини на струјата. Меѓу домовите што се споменуваат во пријавите се „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“ во Скопје и „Кочо Рацин“ во Битола. Во домот „Никола Карев“ во Охрид бил пријавен повеќедневен прекин на електричната енергија, додека други поплаки се однесувале на недостиг од вода и топла вода.
Студентите пријавувале и доцнење на резултатите од конкурсите за сместување, недостапност на службите, нејаснотии околу рангирањето и распределбата на собите, како и наплата за цел месец и покрај подоцнежното вселување.
Во анализата се посочуваат и наодите на Државниот завод за ревизија од 2024 година, според кои при ревизијата не бил презентиран интерен акт што уредува дел од прашањата за работата на комисиите за прием и постапките за рангирање и утврдување на конечните списоци.
Затоа се препорачува објавување целосни и проверливи ранг-листи со освоените бодови и статусот на кандидатите, како и јасни правила за работа на комисиите и објективни критериуми за распределба на собите.
За условите во домовите се предлагаат редовни и документирани санитарни проверки, навремено постапување по пријавите за штетници и нехигиена, како и планови за итни ситуации при прекин на струја, вода или греење. Дополнително, секој дом треба да има јавно објавен канал за поплаки, рок за одговор и систем за следење на решавањето на проблемите.
Целата вест е достапна на: Мета.мк