ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
01.01.2022
ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ направи јубилеј – 10-ти предновогодишен концерт!

Традицијата со предновогодишен концерт да се заврши годината ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ ја одржа и на крајот на минатата, 2021 година, со извонредно музичко-сценско доживување на сцената на Домот на културата во Штип. Повеќе од 250 ученици се појавија на сцената, со изведби кои предизвикаа овации во публиката, потврдувајќи дека реномето на популарното средно и основно музичко од Штип од година во година расте, а она што во текот на годината професорите успеваат да го пренесат на учениците , само добива свој печат на завршниот концерт. Директорот на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“, Горан Кавраков, вели дека на подготовката на овој јубилеен, десетти предновогодишен концерт на хорот и оркестарот од основното и средното учествувал огромен тим, кој и во услови на пандемија по многуте настани и учества на натпревари, успеал да заврши вредна работа:

–И оваа година во нашето училиште продолживме да приредуваме разни јавни настапи за учениците и за нивните родители, како и настапи на прослави, академии и разни јубилеи. Оваа вечер е навистина посебна за нас и за нашиот град, затоа што со овој Новогодишен концерт заокружуваме десет години на континуирана работа и организација на овој настан. Да се стигне до јубилеј од една деценија од реализацијата на нашиот Новогодишен концерт навистина бара макотрпна работа, упорност и посветеност. Трпеливоста, енергичноста, големата љубов и тимскиот дух беа основната нишка што нè поврзуваше сите нас овие десетина години подготвувајќи го овој настан, а сето тоа придонесе за негово континуирано одржување од година во година. Со огромната посетеност секоја година, овој концерт веќе станува обележје и традиција за нашето училиште и нашиот град.

Се надевам дека ќе продолжи и традицијата на одржување на нашиот Велигденски концерт, за кој исто така со голема мотивација ќе се подготвуваме и ќе се трудиме да прерасне во традиција што ќе се негува долги години и децении. Во нашето училиште постојано сме насочени и ангажирани во вложување средства за набавување на нови инструменти, а се реновираат и училишните простории, чија цел е одржување на современа и поквалитетна настава и полесно усвојување на новите знаења на нашите ученици – изјави Горан Кавраков на почетокот на концертот.

Покрај Кавраков, координатор на концертот беше Илија Ќосевски, а како гости настапијаНикола Перевски – Пере (Нокаут), Гоце Мицанов, , Никола Стојчевски. Диригенти беа Тоше Митрев, Славица Деспотова и Ленче Богдановска Атанасова.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
(Видео) Гоце.мк ве носи зад сцената на Макфест 2026