
Имате бизнис идеја и сакате да бидете сам свој газда? Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија објави два јавни повици преку кои невработените граѓани можат да добијат неповратни средства за отворање сопствен бизнис.
Повиците се дел од програмата „Поддршка за самовработување (Претприемништво)“ и се наменети за две категории граѓани – млади до 29 години и лица постари од 29 години.
Најголема финансиска поддршка е предвидена за младите до 29 години, кои можат да добијат грант до 615.000 денари за започнување сопствен бизнис. За невработените лица над 29 години е предвидена поддршка до 430.500 денари.

Покрај финансиските средства, учесниците во програмата ќе добијат задолжителна обука за претприемништво и развивање бизнис вештини, поддршка за изработка на бизнис план, помош при регистрација на компанијата и советодавна поддршка во почетниот период од работењето.
На повиците можат да се пријават невработени лица со најмалку завршено средно образование кои имаат идеја и желба да започнат сопствен бизнис. Посебно се охрабруваат да аплицираат корисници на гарантирана минимална помош, припадници на ромската заедница, повратници од странство, жртви на семејно и родово базирано насилство, како и лица со попреченост.
Грантовите се наменети за набавка на опрема и материјали потребни за започнување на бизнисот, согласно одобрениот бизнис план. За одредени категории корисници е предвидена и шестмесечна менторска поддршка по основањето на компанијата.
Заинтересираните можат да аплицираат најдоцна до 3 јули 2026 година во работните клубови на центрите за вработување низ државата. Пријавувањето се врши секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот.
Од Агенцијата за вработување потсетуваат дека кандидатите задолжително треба да имаат активна е-mail адреса. Право на учество немаат лица кои веќе добиле грант за самовработување во претходните години, како и лица кои биле основачи и управители на фирма во последните 12 месеци за истата дејност.
„Самовработувањето“ е една од најатрактивните мерки за вработување во земјава, бидејќи им овозможува на граѓаните не само да создадат работно место за себе, туку и да развијат сопствен бизнис со поддршка од државата.
Повеќе информации на сајтот на агенцијата.