

Фото: Реактор
Македонија и по локалните избори си останува длабоко заглавена во поглед на подреденоста на жените кога станува збор за политиката и распределбата на функциите од аспект на родовата припадност. Длабоко заглавена, но и лажно загрижена средина за рамноправност, поголемо учество на жените во јавниот, политичкиот живот, со квоти на изборните листи, усти полни со намери, определба за еднаквост, а всушност, сето тоа се само зборови! Резултатите од Локалните избори сурово јасно ја потврдуваат зачмаеноста н нашето општество во овој поглед – ако пред два месеци пишувавме дека од 301 кандидатура за градоначалници само 25 (или минорни 8,3 %) одат кај припадничките на понежниот пол, сега, по двата круга локални избори, реалноста ептен јасно и недвосмислено излезе на површина и ги поништи и тие секако бедни 8,3 %! Како поинаку да се протолкува фактот дека од 80 општини (плус градот Скопје), само во две градоначалничката функција ќе ја извршуваат жени!? И тука паѓаат в вода сите зборови, сите заложби, па дури и „значајното“ учество на жените на советничките листи, каде што ги имаше дури 44 % (погодувате зошто – затоа што сакајќи да покажеме дека се грижиме за родовата рамноправност, си донесовме закоснак одредба дека на листита МОРА да има 40 % жени). Тоа што само 19 % од носители на листите беа жени, ги појаснува нештата. Од друга страна, тоа пак што во понекоја општина сега жена ќе биде претседател на совет, ама баш никако не ја подобрува лошата слика – кај нас родова рамноправност во овој поглед – нема. Се што се прави, се прави само за да се исполнат некакви квоти, некому да му се создаде слика дека се грижиме, а во суштина, застанати сме педесетина година наназад. Уште еднаш фактот – од 80 општини и градот Скопје, од 81 градоначалничка позиција, само 2 се жени! А тоа се високи 2.4 %…
И така, жените се грижат за домовите, мажите за општините… А ние, ние се лажеме дека состојбите се поинакви…
(прочитајте и: Скопје доби жена за градоначалник )