ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
14.11.2025
Доц. д-р. Ивица Смоковски: „Дијабетесот тип 2 може да влезе во ремисија – но не смее да се заборави дека болеста останува“

Во пресрет на Светскиот ден на дијабетесот разговараме со доц. д-р. Ивица Смоковски, специјалист по ендокринологија, кој со јасни и научно засновани одговори објаснува зошто дијабетесот не треба да се гледа како пресуда, туку како состојба која – со вистински пристап – може одлично да се контролира.

Во последниве години се зборува дека дијабетес тип 2 може да влезе во ремисија. Колку е тоа навистина можно и дали тоа значи „излекување“ или само контрола без терапија?
-Да, ремисија е возможна, најчесто брзо по дијагнозата и со значајно намалување на телесната тежина (≈10–15%) кај пациенти во рана фаза на дијабетес тип 2. За ремисија на дијабетес тип 2 зборуваме кога HbA1c <6.5% во период од најмалку 3 месеци без антидијабетични лекови. Ремисија на дијабетес тип 2 беше постигната во повеќе клинички студии (Look AHEAD, DIRECT, DIADEM-I). Постојат повеќе начини да се намали телесната тежина, најпрефериран е со промена на животниот стил, но секако може и со современи анти-дијабетични и анти-обезни лекови, како и со баријатриска хирургија.

Ремисијата секако не значи и „излекување“ во смисла дека болеста исчезнала, бидејќи основните причини поради кои бил дијагностициран дијабетес тип 2 (инсулинска резистенција и нарушена β-клеточна функција) остануваат. Потребни се редовни контроли, бидејќи ремисијата може да се изгуби, односно гликемиите почнуваат повторно да се покачуваат, но кај голем број пациенти со новооткриен дијабетес тип 2 во рана фаза, тоа е остварлива цел – вели д-р Смоковски.

Загриженост на лицата со дијабетес, сериозни одлуки веднаш

   Дијабетесот не треба да се гледа како пресуда, туку како состојба која може да се контролира

Нови лекови како GLP-1 агонисти и SGLT2 инхибитори добиваат големо внимание – дали овие терапии се „револуција“ во лекувањето на дијабетесот или само уште една фаза во еволуцијата на третманот?

-И двете. Тие се „револуционерни“ по тоа што, покрај гликемијата, значајно влијаат на тежината, кардиоваскуларниот ризик и бубрежната заштита со намален ризик за хипогликемии. Истовремено се логична еволуција кон пристапот „лекување според ризик“ и интегрирана кардио-рено-метаболна грижа. Не се магично решение: потребна е персонализација, следење на несаканите ефекти и земање во предвид на односот достапност / цена. Секако, не смееме да ги заборавиме и останатите класи на антидијабетични лекови, вклучително и инсулинската терапија, како и промените во животниот стил, напоредно со мониторирањето на гликемијата, кои ја чинат основата во грижата за дијабетесот.

  Колку современите технологии – континуирани монитори за гликоза, паметни инсулински пумпи и мобилни апликации, реално ја олеснуваат секојдневната грижа за пациентите кај нас?

-Континуираното следење на гликоза претставува технологија што целосно го смени животот на лицата со дијабетес, особено оние со дијабетес тип 1 и тип 2 на инсулинска терапија. CGM (Continuous Glucose Monitors) се уреди кои континуирано ја мерат гликемијата, всушност има сензор што ја мери гликемијата во интерстицијалниот простор и ја конвертира во гликемија во крвта во реално време.

Континуираното следење на гликоза претставува технологија што целосно го смени животот на лицата со дијабетес

Од податоците за гликемијата се генерираат извештаи со параметри кои ни се потребни, како што се Time in Range, Time Above Range, Time Below Range, средна гликемија, глукозна варијабилност, Glucose Management Indicator (аналог на HbA1c). Гликемијата се прикажува на екран и има стрелка која го покажува трендот за следните 30 минути што е исклучително важно за лицата со дијабетес. Нема болка при боцнување како со глукометрите, а имаат и аларми за хипо- и хипергликемија.

 

Ден на дијабетесот: 1 од 10 возрасни страдаат од оваа болест

Во Македонија се’ поголем број пациенти ги користат сензорите, а интенцијата е овој број да се зголемува. Во моментот се реимбурсирани за околу 650 лица со дијабетес тип 1 до 25 години, овој број очекуваме наскоро да се зголеми на 800, а целта е сите пациенти со дијабетес тип 1 да имаат можност да користат сензор. Паметните инсулински пумпи се оние пумпи кои се интегрирани и комуницираат со сензорот, односно пумпата ги испорачува базалните инсулински стапки според мерењата на сензорот.

Постојат мобилни апликации за само-менаџирање на дијабетесот каде се внесуваат физичката активност, исхраната, терапијата, како и апликации за едукација. Дополнително, сите сензори и пумпи имаат и мобилни апликации на паметен телефон.

 

Се забележува дека сè повеќе млади луѓе добиваат дијабетес тип 2. Каде најмногу греши модерното општество, во исхраната, стресот, или во превенцијата?

-Би рекол дека тоа е комбинација на хиперкалориска храна; седентарен начин на живот со минимална или отсутна физичка активност, хроничен стрес; недоволно или неквалитетно спиење, како и пушењето. Обезноста е главна причина за инсулинска резистенција, други ризик фактори за дјабетес тип 2 се предијабетесот, гестацискиот дијабетес, синдромот на полицистични јајници, како и семејната предиспозиција. Превенцијата на дијабетес тип 2 опфаќа 3 сегменти: примарна превенција (превенција на пушење и обезност), секундарна превенција (рано откривање на дијабетес и предијабетес) и терцијарна превенција (превенција на дијабетични компликации кај пациенти со дијагностициран дијабетес).

Дебелината е новата опасна пандемија на иднината

Дијабетесот не е веќе дијагноза туку состојба со која може да се живее

Пациентите често ја доживуваат дијагнозата како доживотна казна. Како ги мотивирате тие луѓе да не гледаат на дијабетот како ограничување, туку како нешто со што може нормално да се живее?

-Всушност кога зборуваме за дијабетесот веќе и не зборуваме за дијагноза туку за состојба со која одлично може да се живее ако е под контрола. Бидејќи се работи за доживотна состојба, вообичаено е да има периоди со подобра и со полоша гликеиска контрола, исклучително е тешко да се биде во одлична контрола цел живот. Нашата улога е да помогнеме во периодите на несоодветна контрола. Од алатките што ни стојат на располагање, туку е структурираната едукација за дијабетес, антидијабетичната терапија, исхраната, физичката активност и мониторирањето на гликемијата со користење на современите технологии. Неопходни се и чести контроли, убеден сум дека физичките контроли во скоро време во голема мерка ќе бидат заменети со телемедицина.

Ако треба да дадете една порака до идните генерации во борбата против дијабетесот, која би била таа?

-Пораката би била едноставна: редовна физичка активност, избегнување хиперкалориска исхрана, стоп за пушењето, квалитетен и доволно долг сон. Огромен број од случаите на дијабетес може да се превенираат. Науката ни ги даде алатките; наша задача е да ги претвориме во здрави животни навики и правилен систем во кој што ќе живееме – препорачува д-р Ивица Смоковски.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?