ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
26.11.2021
“Доволно е сѐ” на Ивана Василева доби и официјален видео-запис

“Доволно е сѐ” е композиција со која Ивана Василева се претстави на овогодинешниот Макфест, а деновиве доби и официјален видео запис кој беше промовиран на YouTube каналот на пејачката. Песната е авторско дело на композиторот и продуцент Илија Ќосевски, а зад видеото стои Столе Ангелов. Во разговор со Ивана, таа ни кажа нешто повеќе за значењето кое стои зад зборовите и мелодијата како и за нејзините планови во иднина.

“Од самиот почеток откако беа објавени резултатите од конкурсот за Макфест, Илија ми ја понуди соработката и од тој ден интензивно работевме на песната, разменувавме идеи околу изведба, аранжман, давав сугестии бидејќи сакав да има дел и од мене во самата песна. Видеото излезе месец дена после премиерното изведување на Макфест. Па така не за џабе си го нарекувам макфестовско патешествие. Во секој случај, работевме долго време, со посебно внимание до последен детал и за песната и видеото и самата промоција на истите. А соработката со Столе Ангелов за видеото не е случајна. Сличните вкусови се поклопија по втор пат. Сѐ она што го замислив еве, веќе го гледате. Идејата за видеото дојде од самиот текст, минималистички, исповедувачки  во камерата и конфузно баш како што знае да биде во љубовта.”, вели Василева.

Песната и текстот изобилуваат со емоции за љубовта, а Ивана вели дека не и било тешко да се поврзе со зборовите и да ги интерпретира чувствата пред камера. За неа текстот и спотот се со длабоко значење и ја прикажуваат силата и убавината на човекот кој љуби . Па така и нејзината љубов кон музиката се родила уште од мали нозе и таа веќе 15 години го негува и надоградува својот талент.

Желбата за музика и сѐ поврзано со неа ја имам уште од мала, со првите часови за латино танци, првите композиции исвирени на клавир, првите натпревари со градскиот хор во Струмица, отпосле и првите настапи со бендот Dismissed со кој сѐ уште настапувам. Овие активности поврзани со музиката секогаш ми беа задоволство, а никогаш “обврска”. “, вели Василева.

 

 

 

 

 

 

 

Таа е и студент на медицина и ги гледа и двете свои професии како начин за помош и лек. Вели дека се стреми да најде баланс меѓу своите пасии и откажувањето од музиката не е опција.

Медицината е хумана професија, а музиката како што велат лек за душа. Желбата да помагам на луѓето на овој или на оној начин е очигледна нели? Сепак, медицината е мојата одбрана професија без двоумење и секако дека ќе сум посветена таму, а музиката ќе ја негувам секогаш во слободно време, можеби не со настапи како до сега, но со нови песни за публиката која ме поддржува, тоа со сигурност. Пред сѐ таа ми е излез од секојдневие, јога на умот и “место” каде се чувствувам своја“, вели Василева.

Ивана најави и нова песна до крајот на годината и нѐ уверува дека во иднина можеме да очекуваме и повеќе од нејзината работа и талент бидејќи како што вели таа сака да екпериментира и ужива во музиката.

 

СКОМ 2024 – конгрес на студентите по општа медицина
Приватните специјализанти потсетуваат на своите барања