
Државна матура годинава ќе се полага на 4 и 13 јуни. На 4 јуни се полага првиот екстерен испит – Мајчин јазик, а на 13 јуни вториот екстерен испит.

За учебната 2021/22 година се пријавени вкупно 15 899 кандидати за полагање на државната матура. Од нив, 7135 се од гимназиско образование, 8504 од стручно и 260 од уметничките училишта.
Првиот екстерен испит – Мајчин јазик и литература ќе се полага в сабота, 4 јуни. Според податоците на Државниот испитен центар, за македонски јазик се пријавени 11 060, за албански јазик 4308 и за турски јазик 313 матуранти.
Полагањето на вториот екстерен испит е закажано за 13 јуни. Најмногу пријави има за англиски јазик – 14 320 кандидати, за математика се пријавиле 1231, за германски јазик 118, триесет кандидати има за тестот по француски јазик, 10 за руски јазик, 15 ќе полагаат филозофија и 100 кандидати се пријавени за естетика.
Резултатите од испитите треба да бидат објавени најдоцна 30 дена од полагањето на вториот екстерен испит. Покрај екстерни, матурантите имаат и два интерни испита и една проектна задача.
Учениците кои завршуваат средно образование и оваа година ќе полагаат државна матура како и минатогодишната генерација, која се избори за два наместо три екстерни предмети и за скратени испитни програми.
Државната матура во земјава се спроведува од 2007 година. На крајот на 2019/2020 првпат не беше организирана поради КОВИД-19, а на барањето на минатогодишните матуранти да им бидат олеснети условите, бројот на екстерни испити беше намален од три на два односно третиот екстерен беше спуштен на ранг на интерен испит. И годинава имаше слични барања, дури се покрена и петиција за да не се полага државна матура, тоа барање не беше прифатено. на целата ситуација околу полагањето на државната матура влијаеше и штрајкот на СОНК. Се стѕравуваше дека полагањето нема да може да се реализира, но и овде Државниот испитен центар уверуваше дека штрајкот нема да влијае на овој процес.