Деновиве во Гевгелија се снимаше краток филм за тоа колку јавноста е засегната од измамите по интернет. Група млади и талентирани средношколци креираа видео кое трае околу 15 – тина минути, а сепак испраќа многу силна и гласна порака.

Поразговаравме со Лилјана Танчева, еден од организаторите на овој филм, па ајде да видиме подетално што се крие зад филмот.
Како се роди идејата за овој филм?
- „Идејата за конкретното сценарио ја разговаравме со сценаристката на овој филм, Сандра Ѓоргиева, која е млад и успешен професионалец во нашата земја. Дојдовме до заклучок дека и самите ние, кои разбираме што гледаме, лесно можеме да наседнеме на медиумска манипулација од овој тип – заносна фигура на пакување од апчиња за слабеење. Таквите манипулации се чести и поставени за да ја нахранат нашата пристрасност – тој што продава знае дека бараме да најдеме нешто што ќе ни ги потврди убедувањата. Во случајот, со многу малку објективност може да се заклучи дека мускулесто тело се добива само со стимулирање на мускулите, односно вежбање. Тешко дека апчињата за слабеење ќе изведат стомачен мускул. По кратко истражување сфативме дека сме во право, на многу места наидовме на таков приказ и решивме да ја раскажеме и екранизираме таква приказна, на која наседнува дел од популацијата.“

Лилјана Танчева
Идејата за филмот се родила уште во фазата на креирање на активностите и аплицирање на проектот „Медиумска диверзија“ кај спроведувачот Македонски институт за медиуми МИМ.
- „Тие се национален координатор на регионалниот проект „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: „Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, финансиран од Европската Унија. При самите побарувања на повикот кој што беше отворен за невладини организации, ние како Центар за едукација, култура и активизам Мултус, аплициравме со проектот „Медиумска Диверзија“, подготвен со мулти-методен пристап, генерално базиран на видео продикти, меѓу кои и краткиот филм.“ , додава Лилјана.
Снимањето на филмот се завршило во 5 дена, а подготовките траеле неколку месеци. Монтажата и пост-продукцијата на филмот е од страна на средношколецот Мартин Стојанов, со помош и консултација од Шенол Мехмед, координатор на пост- продукција на серијата Преспав.

Во филмот се јавуваат средношколци како главни ликови. Дали сметате дека оваа младинска група е најлесна за манипулација од лажни интернет продавници?
- „Изненадувачки, не. Децата се ултра бистри. Повеќе од редовно се опкружени со секакви информации, па до нив е поверојатно дека ќе допре глас за измама, дека ќе препознаат фотошоп при користена слика или фотографија, затоа што и самите ги владеат тие софтвери. Знаат и самите што сѐ користат како алатки и се доста свесни за она што го гледаат. Повозрасните е поверојатно да наседнат на манипулација од ваков тип. Тие имаат и куповна моќ, и цело тоа во комбинација со примамлива цена може да е доста лесен „рецепт“ за наседнување. Децата се поголеми жртви на „news literacy“ сегментот од медиумската писменост. Тие не следат традиционални медиуми и голем дел од нив сѐ уште немаат перцепција за различните начини на известување околу една вест. Тој дел е доста поважен да се третира кај мадата генерација.“
Сите три девојки имале актерски искуства од драмските активности во и надвор од училиштето, па воопшто не било тешко да се синхронизираат.
- „Брзо сфатија дека имаме ситуација триото жртва – негативец – глас на разумот , па природно влегоа во улогите.“, вели Лилјана.
Оскарите се враќаат во Долби театарот, се враќа и домаќин на церемонијата
Филмот носи многу силна порака. Дали во иднина ќе продолжите со вакви мини филмови?
- „Да, секако! Генерално гледаме да ги конструираме активностите од проектите на начини во кои е застапена забавна работа, преку која најлесно се спроведува методот „Learning by doing“.Сфативме дека тоа е најефикасен начин на пренесување порака, доживување на искуства преку кои се учи или препознавање себеси во ситуација која е екранизирана во хумористичен или поучен начин. Децата едвај чекаат активности од ваков тип, кои ги вадат од класичниот формат на училница и обука. И располагаат со доста вештини, особено дигитални, следат трендови и содржини кои се актуелни, па што и да замислите дека би можело да се направи, тие знаат што ќе биде гледано, што ќе има ефект и како целото тоа да се направи. Затоа, поучени од претходниот филм „Вистината за Бади“ кој го работевме во склоп на друг проект, заклучивме дека овој метод ќе ни стане редовен.“
Погледнете го овој краток филм овдe:
Една пилула плус – еден килограм минус (краток филм) – YouTube
Можеби ќе ве интересира