

Photo by Sandy Millar on Unsplash
Дваесетина и повеќе години се изнаслушавме како се грижиме за родовата еднаквост, како треба да се намали јазот во таа област, како жените се рамноправни, уште што ли не слушнавме, но, ако се погледнат резултатите од многуте истражувања на оваа тема, станува јасно дека зборовите може да звучат моќно, но реалноста делува спротивно – немоќно! Ова се потврдува и со најновото истражување на „Реактор – истражување во акција“ , насловено „ МАЖИТЕ И ГРИЖАТА (МИГ): ГРИЖЛИВ МАСКУЛИНИТЕТ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“.
Кај нас се`уште е силен традиционалниот модел на поделба на родовите улоги – мажите и понатаму се сметаат за оние кои треба да заработуваат, а жените во најдобар случај можат да придонесат со дополнителна заработувачка. Кога станува збор за двојки со деца, таму жените ја имаат клучната улога во поглед на грижата и воспитувањето на децата.
Не е сјајна состојбата и кога станува збор за економскиот дел – според статистички податоци на Еуростат, жените во Македонија се далеку економски понеактивен дел од населението, односно околу 45% од работоспособните жени не се ниту вработени ниту бараат работа, а повеќе од половиона од нив не бараат работа заради семејни обврски или обврски поврзани со грижа. Од друга страна, само околу 4% од неактивните мажи не бараат работа од истата причина!
На дневна основа, во Македонија, жените поминуваат 18 пати повеќе време отколку мажите на домашни активности и на активности поврзани со грижа.
Во споредба со земјите членки на Европската унија (ЕУ) и соседните земји од Западен Балкан, Република Северна Македонија има една од најниските стапки на вработеност и една од највисоките родови јазови во вработеноста (Евростат 2019). Последните достапни податоци покажуваат дека родовиот јаз во вработеноста во Северна Македонија изнесува 19,7 процентни поени (п.п.), додека просекот во ЕУ (ЕУ-27) изнесува 12,1 п.п. (ibid). Станува збор за родовиот јаз во вработеноста помеѓу мажите и жените на возраст од 15 до 64 години, којшто во Република Северна Македонија изнесува 21,3 п.п., што е скоро за два пати повисок во споредба со просекот во ЕУ (ЕУ-27 = 11,8 п.п.) Уште полоша е сликата ако се гледаат само руралните средини – јазот во однос на вработеноста кај мажите и жените од руралните подрачја во Северна Македонија достигнува до 26,4 п.п. (Државен завод за статистика 2020а). Од друга страна, јазот во вработеноста се намалува кај мажите и жените со повисоко ниво на образование ,што укажува на тоа дека формалното образование е значаен заштитен фактор против родовата дискриминација. Сепак, ова истовремено потврдува дека жените „треба да работат повеќе“ за да им се даде шанса за платена работа.
Во просек, жените во Македонија извршуваат 72,5% од вкупната неплатена работа поврзана со грижа, додека придонесот на мажите едвај надминува една четвртина од вкупниот обем на неплатената работа. На дневна основа, во споредба со мажите, жените трошат 18 пати повеќе време за миење садови, 12 пати повеќе време за чистење, 9 пати повеќе време за готвење и 3 пати повеќе време за грижа околу децата (Државен завод за статистика 2015).
Слични модели на дискриминација можат да се забележат и кај нееднаквостите во стапката на економска активност. Социо-економските нееднаквости помеѓу мажите и жените, исто така, можат да бидат препознаени и преку вертикалната и хоризонталната родово-базирана изолираност на пазарот на трудот. Мажите сочинуваат 100% од извршните директори и 75% од раководните лица во јавно објавените компании во Република Северна Македонија (ЕИРЕ 2020). Општо земено, мажите чинат 73,3% од работодавачите и 78% од самовработените, додека жените доминираат само во категоријата неплатени семејни работници (Државен завод за статистика ).
Бесплатниот труд посветен на нега не е бесплатен бидејќи многу ги чини жените. Преку непропорционалната распределба на обемот на работа поврзана со домашна грижа, жените се или временски осиромашени и се борат да ги балансираат професионалните со семејните обврски или целосно се повлекуваат во сферата на „приватното“ и ги извршуваат исклучиво домашните обврски без пристап до формално вработување и придобивките што тоа може да им ги донесе, како што се платена работа, кариера и социјално осигурување.
Реактор во своето истражување гио поместува и заклучоците, кои се во насока на мерки кои треба да се преземат, но прашање е дли некој навистина конечно ќе почне а ги презема вистинските мерки и активности, или и понатаму зборовите ќе се моѓни, а реалноста немоќна.