ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
21.10.2021
ЕК: Пандемијата влијаеше на напредокот на реформите во образованието, препораките делумно исполнети

Во извештајот на Европската Комисија се наведува дека Македонија е умерено подготвена во однос на образовниот систем и дека на напредокот на реформите во образованието длабоко влијаеше пандемијата бидејќи фокус на Владата беше, создавање средина за учење на далечина.

Нов концепт за напредување во основното и средното образование беше усвоен во јули 2020 година и беше формирана и развиена национална платформа за поддршка на учењето на далечина.

Следната година земјава треба да биде посветена на спроведување на стратешката рамка за образование, особено на целите за предучилишно образование и реформа за стручно образование и обука, на подобрување на пристапот до квалитетно образование за сите, особено за децата со попреченост и децата Роми, како и да се зголеми запишувањето во предучилишна возраст. Да се подобри поддршката за обука и професионален развој на наставниците и да се обезбеди ефективен процес на оценување.

Европската Комисија ги потенцираше слабите резултати на меѓународното тестирање по математика во 2019 година, презентирани во декември 2020 година, според кои Македонија е рангирана на 45-то место по математичка писменост и на 51-во за природни науки о 58-те земји учесници.

Беше укажано и на измените на Законот за стручно образование и обука, односно дека реформираната четиригодишна програма се спроведува низ сите училишта во земјата. Основањето на три регионални центри за стручно образование и обука, исто така се очекува да ја подобри ефективноста на реформата за стручно образование.

И покрај постигнатиот напредок во однос на предучилишното образование, нивото на запишување останува ниско, што се должи и на пандемијата. Само 45 отсто од децата од три до шест години се запишани во лиценцирани образовни институции во 2020-2021 година, што е благ пораст во споредба со претходната година. Изменет е Правилникот за стандарди и норми за предучилишно образование со цел да се подобри пристапот и вклученоста на децата со посебни потреби во јавните и приватните институции.

Останува низок процентот и на запишани во високото образование, бројот на студенти запишани на прва година студии се намалува во последните три години.

ЕК посочува и дека Македонија продолжува активно да учествува во програмата Еразмус+ и во Европскиот солидарен корпус и дека Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ја подготви и потпиша програмата за работа за новиот програмски период 2021-2027 година. Нашата земја, како што е наведено во Извештајот, изразила подготвеност повторно да се придружи на Еразмус+ како придружна трета земја за програмскиот период 2021-2027 година.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?