ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
21.10.2021
Стипендии за една учебна година во САД

Kennedy-Lugar Youth Exchange & Study (YES) програмата овозможува размена на средношколци од земјите на Балканот и им нуди услови и стипендија да поминат една учебна година во САД. Учениците служат како „младински амбасадори“ во земја од која потекнуваат, промовирајќи меѓусебно разбирање преку формирање трајни односи со нивните семејства и заедници-домаќини. Учесниците живеат со семејство-домаќин, посетуваат американско средно училиште, стекнуваат лидерски вештини и се вклучуваат во активности за учење за американското општество и вредности; тие исто така помагаат во едукацијата на Американците за сопствената земја и култура.

Програмата официјално започна во Северна Македонија во 2009 година со надеж дека ќе ја прошири комуникацијата меѓу луѓето од Соединетите држави и Северна Македонија со цел да се промовира меѓусебно разбирање и почитување. Оттогаш, 155 македонски ученици ја завршија YES програмата и сега учествуваат како алумни.

YES програмата е во партнерство со Стејт департментот на САД и со непрофитни организации предводени од Американските совети за меѓународно образование. Во Северна Македонија, Американските совети за меѓународно образование управуваат со YES програмата  во партнерство со локалната Амбасада на САД, Канцеларијата за односи со јавноста.

Во интервју за Гоце.мк, нешто повеќе за искуството стекнато за време на размената ни кажа Сандра Ташкова која својата учебна 2020-2021 година ја помина во Калифорнија, САД.

Сандра Ташкова

“ За размената аплицирав во октомври 2019 онлајн, а потоа бев избрана да одам и на понатамошните тестирања за граматика, слушање и комуникација на англиски јазик. Програмата за прв пат се спроведе онлајн таа година, но иако можноста за патување во моментот беше недостапна, искуството на учесниците се стави на прво место. Имав виртуелно семејство-домаќин, комуницирав со мојата мајка-домаќин Мишел која живее во Динуба, Калифорнија, и со неколку врсници кои учат во Калифорнија. Имав многу виртуелни активности организирани од организацијата Ворлд Линк, и посетував часови како што беа обуките од PGLF (Preparing Global Leaders Forum). Откако ја завршив учебната година, како алумни имав право да аплицирам за City Representative (локален претставник на YES програмата), и официјално во септември оваа година бев избрана за оваа позиција. Сега имајќи ја оваа привилегија се стремам да откривам и споделувам уште повеќе можности и детали за програмата со други средношколци. Планирам и реализирам проекти како акции и работилници, со цел да вклучам повеќе млади во полето на активизмот.”, вели Ташкова.

Доколку и вие сакате да бидете дел од оваа програма и да учествувате на размена во САД, можете да се пријавите на линкот:  https://ais.americancouncils.org/cgibin/WebObjects/AIR.woa/wa/login?brand=yes&fbclid=IwAR2tRWZHbtnEt8NNHrqeo7h57dLZ-IQWNAaJQ5Zr1LLtIfRm-Nli6rjDhRA. Пријавата е отворена до 31 октомври.

Отворена можност за магистерски во Германија: Објавен повикот за стипендиската програма „You and Europe“
Отворен повик за млади истражувачи: Награда од 1.000 евра за најдобар есеј