ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
07.09.2022
Ерозијата на системот е поголема од моќта на медиумите

Колумна

Медиумите се моќни, но не и семоќни. Најмалку пак помоќни од институциите кои треба да изнаоѓаат решенија за проблемите.

Во сенка на почетокот на новата учебна година, на проблемите со свидетелствата, на немањето учебници, деновиве се пишува и за тажниот настан, самоубиство на ученик од скопска „елитна“ гимназија. Освен дилемите дали да се известува за настанот, како да се известува, дали училиштето требало некако да го спомене моментот, веднаш се појавија реакциите и медиумските прилози за булинг, за насилство, вината на училиштата, на стручните служби, „елитните“ одделенија, родителите кои најважни им се оценките а не однесувањето на децата (секогаш виновни се другите деца…).

Како и секоја исклучителна ситуација, и оваа исфрли на површина многу аспекти и проблеми, и да се анализираат сите треба многу време и простор. Сите аспекти всушност ги покажувaат аномалиите во општеството, кои доведуваат до немили и трагични настани, за кои кога се случат се крева прашина, но решенијата речиси и не се бараат, а институциите се или немоќни или незаинтересирани, или пак и двете заедно.

Медиумите секогаш се на испит во кризни ситуации

Медиумскиот и институционалниот дел или одговор на ваквите ситуации се поврзани еден со друг, и се рефлектираа и преку последниот трагичен случај. Традиционално, медиумите реагираат на два начина – едниот е инцидентен, со „кревање“ на прашина кога нешто ќе се случи, и вториот е кога се третира темата како дел од некаков проект, финансиран од одредени извори. Пропустите и непочитувањето на стандардите најмногу се појавуваат кога станува збор за првиот начин на информирање.

Членот 102 како морков и стап за медиумите

Тогаш, во брзање се прават многу грешки, неетички се пласираат информации, по секоја цена да се „искористи“ моментот, и тоа е за секаква осуда ( за што и реагираа еснафските организации).  Дека моментот се користи на најразличен начин, потврда е дека многу портали токму деновиве објавија информации од истражување за насилството во неколку средни училишта во Скопје, пренесувајќи ги како нови. А сепак, станува збор за Истражување кое беше промовирано уште во март годинава. Сепак, и тоа не е најлошиот момент од медиумското покривање на трагичниот случај, за жал многу малку се почитуваа етичките стандарди.

Во другиот дел, третирањето на темата како дел од финансирани проекти, ситуацијата е малку поинаква. Овде се забележува настојувањето да се опфатат сите аспекти, со вклучување на експерти, нудење на решенија, и може да се каже дека тие медиумски продукти пристојно ја одработуваат задачата која секој медиум треба да ја има во процесот на детектирање на состојбите и нудење на можни решенија. Но, овде треба да се знае дека моќта на медиумите е голема, но во однос на ингеренциите за конкретни решенија сепак ограничена. А за жал, многу често токму на адреса на новинарите одат обвинувањата за нерешавање на одредени проблеми, за кои некој е задолжен и платен да ги решава.

Photo by Matt C on Unsplash

Новинарството е моно, но не помоќно од нашите еродирани институции

Овде доаѓаме всушност до најболната точка – инертноста , немоќта и неспособноста на институциите. Тие за жал најчесто се „будат“ откако медиумите ќе исфрлат некој случај на површина, па дури и тогаш само декларативно. Се кажува дека биле преземени такви и такви чекори, имало законски измени, пратениците не гласале за некои измени, проблемот бил системски… Што се нема да се слушне како изговор, додека состојбите долги години тлеат, и одвреме навреме доведуваат и до несакани случаи, понекогаш и трагични. Во меѓувреме, енергијата на институциите, министерствата, се троши на партиски вработувања, на најави за реформи, на зборови без дела.

Истражување: Онлајн медиумите се корумпирани поради нискиот економски стандард и борбата за опстанок

Примери има колку сакате, новинарите откриле и објавиле за неправилности, пропусти, криминал, злоупотреба на положба, ама само после краток период на ветувања дека „случајот ќе се расчисти“, се паѓа во заборав, а институциите се враќаат на секојдневната рутина, посветена на политичко – партиска борба, во која приоритет има задоволувањето на интересите на партиските војници, а не на граѓаните. Ерозијата ги има зафатено сите делови од системот воопшто, и е толку длабока, што во комбинација со корупцијата, партизацијата, неспособните кадри, не може ниту поголема медиумска моќ да ја поттурне кон подобро, а не пак нашава бедна и сиромашна новинарска реалност. И во таква ситуација, неплатени, сиромашни, оставени на ветромет, притиснати од сите страни, дел од новинарите добро си ја вршат работата, им даваат доволно „материјал“ на институциите. Моќта да менуваат закони, да преземаат мерки и решенија, сепак е на друго место, не е кај новинарите и медiумите.

Мојот Став: Колку чини еден студентски сон?
(Аудио) Мојот Став: Образование без редослед