
Фестивалот на песни за деца „Весело штурче“ ќе се одржи на 28 септември во Домот на културата „Ацо Шопов “ во Штип со почеток од 19:30 часот. Од денес во 17 часот се во продажба и билетите, со цена од 250 денари. Иницијативата на Фестивалот потекнува од директорот м-р Филип Стевановски и уметничкиот директор м-р Ирена Крстевска Стевановска.

Фото: FB Veselo Sturce
Тргнувајќи од фактот дека децата се иднината на музиката, двајцата музичари сакале да остават белег во музичката сцена. На децата да им понудат децата нешто ново и квалитетно за слушање.
“Главната цел е најпрвин децата да знаат дали навистина треба да се занимаваат со музика и сме многу искрени со нив дали имаат талент за музика и дали навистина треба да пеат на Фестивалот. Лажната перспектива не е добра за никој. Втората цел е едукација, која ние како Фестивал ја даваме на децата, а тоа е едукација за снимање во студио. Децата се едуцираат што е најпрво микрофон, студио, аранжман, музика, текст и слично, па сѐ до подготовките за сцена, како треба да се однесуваат на сцена и буквално сѐ што е поврзано со музика, сцена, уметност.
Исто така секојдневно секој од нас е преоптеретен со мобилните телефони и социјалните мрежи, па честопати како родители и на нашите деца го дозволуваме истото, со што децата навлегуваат во технологијата и ги губат вистинските вредности. Со ова другарување, сцена, музика, едукација на децата им даваме друга перспектива и ги учиме на ВИСТИНСКИ вредности кои се поразлични од оние дигиталните. Нема поубаво од среќно и насмеано детско лице и вистинско дружење со сите дечиња од Фестивалот, на самата сцена, позади сцената, како и на караваните кои ги правевме и ќе ги правиме со Фестивалот.“, вели Стевановски

Фото: FB Veselo Sturce
Почнувајќи од конкурсите распишани уште од јануари , аудициите , композициите и креациите во студиото, подготовките траат 365 дена. Директорите оваа работа ја опишуваат како макотрпна. Сакаат на децата да им овозможат средина исполнета со разбирање и пријатна атмосфера.
„Децата се влезени длабоко и професионално во самите изведби и сакаат да изгледаат и да бидат слободни на сцената, нормално дека и дома во своите соби си влегуваат во својот свет и вежбаат и си замислуваат како сето тоа ќе изгледа на Фестивалот. Ние сме пресреќни што имаме талентирани и прекрасни деца, но и уште посреќни што ги активиравме авторите на музика, текст и аранжман кои со години изгубија надеж за авторската музика и компонирањето“, вели Стевановски.
Од оваа година , Весело Штурче ќе има и хуманитарен карактер

Фото: FB Veselo Sturce
Во соработка со Фондација за развој на локалната заедница, се отвора фонд за собирање на средства. Тие ќе бидат наменети за купување инструменти но и за стипендии. Талентирани дечиња кои немале можност да платат и да бидат дел од Фестивалот ќе ги користат стипендиите. Со секој купен билет или производ од Весело штурче граѓаните ќе имаат можност да донираат и да ја поддржат иницијативата. Тие исто така и директно ќе можат да донираат на самиот фестивал.
На Фестивалот ќе настапат 24 дечиња со 21 авторска песна, 14 дечиња во хор и 4 во бендот Весело штурче.