ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
06.08.2022
Финансиската писменост слаба точка за младите
Автор: Goce Author

Финансиската писменост е слаба точка на младите во Македонија, покажа истражувањето на НБРМ. Половина од младите немаат доволно знаење за управување со парите.

Околу половина од младите помеѓу 13 и 15 години сметаат дека не располагаат со доволно знаење за управувањето со парите. Најголемиот дел од нив учат за управувањето со парите од своите семејства. Од финансискиот систем, најдобро ги познаваат функциите на банкарскиот сектор и сметаат дека најдобро можат да се стекнат со финансиски знаења преку класичната настава. Ова го покажуваат резултатите од Анкетата на Народната банка спроведена во 2021 година и првата половина од 2022 година. 

На прашањето „дали сметате дека имате доволно знаење да управувате со расположливите парични средства?“, во 2021 41% одговориле дека имаат делумно знаење. 56% пак рекле дека имаат знаење. Во 2022 година, 55% од испитаниците сметале дека располагаат со делумно знаење за управувањето со парите, додека 43% сметале дека располагаат со знаење. Овие резултати укажуваат дека има широк простор за унапредување на финансиската едукација кај оваа возраст.

За финансиската писменост младите се информираат најчесто од семејството

Од аспект на тоа од каде се информираат за функциите и управувањето со парите, и во 2021, и во 2022 година испитаниците го посочиле семејството како главен извор со 37%, односно 41% од сите анкетирани. Понатаму со речиси иста застапеност се училиштето, интернетот и медиумите.

Според Анкетата, учениците се најзапознаени со услугите на банкарскиот систем, и тоа 42%, односно 33% во 2021 и 2022 година, соодветно. Овие резултати соодветствуваат со структурата на финансискиот систем во државата. Сепак, тоа укажува дека има потреба од едуцирање и за останатите сегменти од финансискиот систем.

На прашањето каква едукација претпочитаат учениците, најголемиот дел, 35%, во 2021 и 29% во 2022 година,одговориле дека претпочитаат класична настава. Втори на листата посакувани едукативни методи се видеоматеријалите, па едукативните текстови на интернет и печатените брошури.

Македонија ќе воведе дигитален денар?

Предавања од областа на финансиската едукација од страна на Народната банка, може да се закажуваат на следнава врска: https://www.nbrm.mk/baranje-za-e-predavanje-fin-edu.nspx

Народната банка го преведе и Водичот за лични финансии (https://www.nbrm.mk/content/Pametno_upravuvanje_so_parite__web.pdf) на албански јазик, достапен на следнава врска:  https://www.nbrm.mk/content/Menaxhimi-i-men%C3%A7ur-i-parave-web.pdf 

Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки
Здравствени политики за сите