
Талентираните средношколци од Македонија кои доаѓаат од семејства со пониски приходи имаат можност да добијат финансиска поддршка преку програмата „Таленти денес – лидери утре“ на Фондација МК2025.
Фондацијата го објави повикот за доделување на десет стипендии за учебната 2026/2027 година. Секој избран стипендист ќе добива вкупно 60.000 денари, исплатени во десет еднакви месечни рати во текот на учебната година, од септември 2026 до јуни 2027 година.

На повикот можат да се пријават ученици од прва до трета година во државните средни училишта кои имаат просечен успех над 4,70, како и постигнати резултати на државни или меѓународни натпревари од областа на природните и општествените науки, информатиката, програмирањето и други дисциплини.
Еден од условите е кандидатите да потекнуваат од социјално ранливи семејства со вкупен годишен бруто приход до 925.000 денари.
Покрај финансиската поддршка, избраните ученици ќе имаат можност да учествуваат во менторски програми, обуки за личен и професионален развој, како и практикантска работа во успешни македонски компании. Тие ќе бидат вклучени и во активностите и настаните што ги организираат Фондацијата МК2025 и Македонија2025.
Аплицирањето се врши електронски преку платформата E-scholarships на Македонија2025, каде кандидатите треба да достават биографија, потврда за редовен ученик и успех, дипломи од освоени награди, мотивационо писмо, документи за приходите на семејството и најмалку една препорака од професор или релевантна институција.
Од Фондацијата посочуваат дека и досегашните корисници на стипендијата треба повторно да аплицираат доколку ги исполнуваат условите.
Крајниот рок за поднесување на апликациите е 15 август 2026 година до 23:59 часот. По административната проверка, апликациите ќе ги разгледува комисија составена од истакнати членови и партнери на Фондацијата МК2025, а избраните кандидати ќе бидат известени најдоцна до почетокот на септември.
Дел од кандидатите може да бидат повикани и на дополнително интервју пред донесувањето на конечната одлука за доделување на стипендиите.
Повеќе информации на следниот линк.