
Германија се обидува да изнајде мерки за ефикасно справување со енергетската криза. Една од нив беше и препорака за туширање со постудена вода. Сепак, по се изгледа и тоа нема да биде доволно.
Европската унија сака да ја намали потрошувачката на гас за најмалку 15 отсто. Германија пак, веројатно мора да заштеди уште повеќе. Како да се постигне ова? Жeлбите не се доволни.
Германскиот производител сè уште не ја прекинал рекламата за грејни уреди на плин, во која се вели дека замената на стариот систем за греење со мазут со нов гас носи 45 проценти од државните субвенции – a тоа веќе не е точно. Германија ги откажа овие стимулации преку ноќ. Во иднина ќе бидат поддржани само оние системи за греење кои работат на обновлива енергија. Тоа се топлински пумпи или котли на пелети.
„Најголемиот број луѓе живеат во постари куќи. Сега тие треба да реновираат, да ги заменат прозорците, да го отстранат греењето на гас – ова помага да се намалат трошоците за греење и оди рака под рака со заштитата на климата“, рече германскиот министер за економија Роберт Хабек, политичар на Зелените. .
Зарем сега треба да се исфрли греењето на гас? За три месеци почнува грејната сезона, а повеќе од секое второ домаќинство во Германија се грее на гас. Ако му се јавиш на мајсторот за парно, вели дека старото парно може да го погледне дури во октомври, дотогаш се пополнети сите термини.
Покрај тоа, има недостаток на материјал. Топлинските пумпи е речиси невозможно да се добијат. И може да потрае неколку месеци за да ги инсталирате. Мобилните радијатори и електричните греалки се речиси распродадени во продавниците за електрични апарати. Експертите предупредуваат дека електричната мрежа не е дизајнирана за толку големо дополнително оптоварување, па на локално ниво мрежата на некои места може да биде преоптоварена.
Додека во Германија се уште е лето и системите за греење се исклучени, и луѓето кои живеат под кирија и оние кои поседуваат недвижнини полека сфаќаат дека есента може да биде многу непријатна. Компаниите кои со енергија снабдуваат најголем број луѓе сакаат да го зголемат месечниот износ за нивните услуги веќе во август или септември.
Дури и оние корисници кои имаат долгорочни договори со загарантирана ниска цена мора да прифатат дека од октомври енергијата ќе им поскапи. До пет центи за киловат-час треба да платат оние со најдобри договори поради солидарност со другите.
Стимулацијата преку цените доаѓа предоцна, велат економистите и на тој начин го критикуваат досегашното однесување на германскиот министер за економија. Со месеци апелира до граѓаните да штедат гас и – останува само на апели. Додуша, се подготвува директива со која се забранува зимско загревање на базените на плин. „Не верувам дека полицијата ќе оди од еден до друг сопственик на базен за да провери дали се греат, тоа нема да биде случај“, вели министерот Хабек и додава дека тоа нема да биде земја во која би сакал да во живее.
Нема да има ни законски пропишано замрзнување, бидејќи за време на пандемијата се покажа дека луѓето доброволно ги почитуваат мерките. Сепак, експертите се сомневаат дека пандемијата и енергетската криза можат да се споредат. Научниот совет при Министерството за економија и заштита на климата собира водечки економисти. Минатиот месец Советот му напиша писмо на министерот Хабек во кое го предупреди дека апелите речиси никогаш не постигнуваат цел.
Германскиот институт за економски истражувања (DIW) уште во април пресмета дека има мерки со кои потрошувачката на гас ќе се намали за 33 отсто во текот на годината. Еддна од нив е зголемувањето на цената на енергијата да се пренесе директно на потрошувачите. Во првите шест месеци Германија заштедила само 16 отсто од гасот.
Економистите сметаат дека не треба да се дава дополнителна помош за трошоците за енергија – еднаш веќе се исплатени 300 евра. Скептични се и кога станува збор за тоа државата да ја покрие разликата во цената. Наместо тоа, Советот предлага да се регулира целокупниот пазар за потрошувачите да имаат умерени цени за одреден процент од ланската потрошувачка, а домаќинствата кои трошат повеќе да плаќаат пенали.
Клаудија Каемпферт од Германскиот институт за економски истражувања оди чекор понатаму. Таа им препорачува на оние кои штедат многу да им се исплатат премии. Министерот Хабек не го сака тоа: „Ако некој каже, ќе помогнам само ако добијам уште 50 евра, тогаш би рекол – стари луѓе, нема да добиете“, рече Хабек во телевизиско интервју.
Наместо тоа, министерот продолжува да ги советува луѓето да ја намалат фреквенцијата на туширање. Исто така и да се тушираат со постудена вода, да го поправат греењето и да постават оптимална, пониска собна температура. И бидејќи бројот на новозаразени луѓе се зголемува, можеби е паметно што повеќе луѓе повторно да работат од дома.
Постојат студии кои пресметале дека пет проценти од топлинската енергија може да се заштеди доколку повеќе луѓе работат од дома. Клаудија Каемпферт тврди дека постои „значаен потенцијал“ за заштеда.„Во принцип, работата од дома може да придонесе за заштеда на енергија, бидејќи тогаш канцелариските простории не треба да се загреваат и таму може да се заштеди.
Четири водечки економски институти во земјата пресметаа дека ќе има доволно енергија дури и ако „Северен тек еден“ протече 20 отсто од својот капацитет. Но само под услов Германија, доколку се намали приливот, да не мора да ја дели дојдовната сума со соседите. Ниту тоа не е политички разјаснето. Според пресметките, недостиг може да се случи во април и мај, а потоа повторно во декември 2023 година. Така, земјата ќе мора да се соочи со овој проблем на долг рок.